Вести

15 март 2023

Д Е М А Н Т

МВР најостро ги демантира лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога, кои се шират по социјалните медиуми. Имено, овие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан - од викендов, па сѐ до денеска (15.03.2023).

МВР категорично ги отфрла овие лаги, бидејќи пријава за таков настан не постои. Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив. Воедно, им благодариме на медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции.