01 март 2023

„Децата, правата и обврските“ – Превентивно – едукативен проект на Отсекот за превенција при СВР Тетово

Секторот за внатрешни работи Тетово неделава започна со практична имплементација на нов превентивно-едукативен проект „Децата, правата и обврските“, чиј носител е Отсекот за превенција. Со овој проект ќе бидат опфатени околу 2300 деветодделенци од над 70 основни училишта на тетовското и гостиварското подрачје кои следат настава на македонски, албански и турски јазик.

На посебни часови во училиштата стручно обучени полициски службеници поблиску ги запознаваат учениците со детските права и обврски, во семејството, училиштата и општеството, кои произлегуваат од домашни и меѓународни договори и конвенции. Покрај тоа, основците се информираат и за тоа - што претставува малолетничка деликвенција и за други девијантни појави, асоцијални постапки, но и за можните законски импликации доколку се инволвираат во истите.

Целта на проектот кој се планира да заврши до крајот на март годинава е деветоооделенците да знаат кои се нивните права, но и какви можат да бидат законските последици ако иницираат или непосредно учествуваат во незаконски појави и постапки.