Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (16.02.) заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Аеродром и од Полициското одделение Петровец беа реализирани две едукативни работилници на тема – “Говор на омраза“.
Притоа во средните училишта “Марија Склодовска Кири“ и “Илинден“ учениците од втора година преку видео презентација беа запознати со основните факти околу говорот на омраза, за штетноста, но и за казнивоста на ова социо-девијантно однесување. Воедно на учениците им беше презентирана и електронската апликација поставена на веб страницата на Министерството за внатрешни работи - RED BUTTON – Црвено Копче, алатка за навремено пријавување на ваквите појави. На работилниците за учениците беа поделени и печатени едукативни материјали, изработени во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а со содржини на темата – говор на омраза.
Исто така, денеска во централното градско подрачје во Скопје, односно на улицата “Даме Груев “ Одделението за превенција во соработка со Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата реализираа сообраќајна превентивна активност под мотото – “Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Целта на активноста беше насочена кон информирање на учесниците во сообраќајот во делот на сообраќајните правила и прописи за правилно паркирање и подобрување на сообраќајната култура, што ќе придонесе за зголемена безбедност во сообраќајот, при што на возачите им беа делени печатени материјали, изработени во соработка со РСБСП со едукативна содржина.