13 февруари 2023

Превентивни активности во Крушево и Ресен за спречување на имотни деликти, во Битола едукативна работилница за сајбер булинг и говор на омраза

Денеска (13.02.2023) полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Крушево и Ресен, при СВР Битола, на подрачјето на двата града спроведоа превентивна активност посветена на превенцијата од имотни деликти.
Притоа, во непосредна комуникација со претставници на месните заедници, на пензионерите – како категорија граѓани што е најчеста жртва на имотни деликти, особено разните облици на измами, полициските службеници укажуваа како да се препознаат и како да се заштитат граѓаните од овој вид криминал.
Воедно беше нагласена важноста од комуникација и благовремено контактирање со полицијата во насока на превенирање и откривање на ваквите кривични дела. На граѓаните, исто така, им беа поделени печатени материјали со информативни содржини од областа на имотните деликти, изработени во соработка со мисијата на ОБСЕ во нашата земја.
Покрај ова, денеска полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола во просториите на основното општинско училиште „Кирил и Методиј“ во Битола одржаа едукативна работилница, а во рамки на проектот „Безбедни училишта“. Темата на едукативната работилница беше посветена на состојбата со злоупотребите на социјалните мрежи од страна на децата и тинејџерите, пред сѐ сајбер булингот, но и говорот на омраза, при што беше укажано за начините за препознавање на ваквите асоцијални појави, нивно благовремено пријавување, како и за потребата од соработка со сите релевантни институции.