Полициски службеници од Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје денеска (06.02.2023) во скопското Основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец реализираа едукативна работилница со учениците од седмите одделенија при ова училиште.
Притоа, на работилницата која што тематски беше посветена на видовите насилства меѓу децата, преку посебно подготвена видео презентација учениците беа запознаени со основните информации за поимот насилство, за облиците и формите на негово манифестирање, како и за последиците и штетите што оваа криминогена и социо-девијантна појава ги носи.
Исто така, децата беа информирани и за начините како насилствата можат да се препознаат и за важноста од раното детектирање и нивната превенција, а примарно во интерес на нивната безбедност во и надвор од училиштата.
Потоа, и во ООУ „26 Јули“ на подрачјето на ПО Шуто Оризари, беше реализирана едукативна работилница на тема – „Превенција од семејно насилство“ со учениците од Клубот за превенција, каде што учениците беа запознати со поимот – семејно насилство, формите, како и начинот за заштита и пријавување. Исто така и во СУГС
„Браќа Миладиновци“ на подрачје на ПСОН Драчево и СУГС „Кочо Рацин“ на подрачје на ПСОН Ѓорче Петров, заедно со полициски службеници од овие полициски станици беа реализирани четири едукативни работилници со учениците од прва и втора година на тема „Говор на омраза“. Основна цел беше запознавање со значење и облици на говор на омраза, како да се препознае говорот на омраза а воедно и начинот на пријавување на RED BUTTON – Црвено копче, алатка изработена од страна на Министерството за внатрешни работи поставена на официјалната веб страница на министерството.
Покрај ова и на подрачје на ПСОН Гази Баба во „СОС Детско село“ беа реализирани две едукативни работилници на темите – „Превенција од зависности и сајбер насилство “ и “Трговија со деца“. Притоа преку презентација учениците (деца од СОС Детско село на возраст од 14 до 16 год) и членови на тамошниот клуб за превенција беа информирани дека зависноста може да биде различна односно постојат зависности од дрога, алкохол, никотин, анаболици и стероиди, храна, коцкање, мобилен телефон, интернет, гледање телевизија и дека независно од видот сите носат опасности по поведението и здравјето на децата. Беше посочено дека разните зависности често се генератор на агресивност, насилство и криминал, а тоа носи и неизбежно пропаѓање на зависникот, неговото семејство и поширокото општествено опкружување. Исто така, се говореше и за сајбер насилството и трговијата со луѓе каде што младата популација е најчеста жртва.