28 декември 2022

Превентивни активности на СВР Битола

Во рамките на континуираните превентивни активности на Отсекот за превенција при СВР Битола, денеска (28.12.2022) во соработка со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот Битола, во основното училиште “Климент Охридски“ беше реализирана едукативна работилница, а како дел од превентивниот проект “Безбедност во училиштата“.

Притоа, тематски, работилницата беше посветена на превенцијата од злоупотребата на петардите и другите пиротехнички средства кај младите, но и за проблематиките од областите на врсничкото насилство, “сајбер булингот“ и злоупотреба на психотропни супстанции. Основна цел на работилниците беше подигање на свеста кај малолетната популација за опасноста од употребата на петарди и други пиротехнички средства, како и преземање на превентивни активности насочени кон одржување и подигнување на општото ниво на безбедност.

Покрај ова, вчера полициски службеници од ОВР Ресен при СВР Битола, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност во Ресен, под мотото “Возете одговорно за време на празниците “ реализираа превентивни активности на повеќе локации од градот. На возачите им беа делени и летоци со едукативен материјал за безбедноста на сообраќајот. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните и со возачите беше укажано и апелирано особено за време на претстојните празници кога голем дел луѓето присуствуваат на прослави, да не се управува моторно возило доколку се конзумира алкохол!