Денес, (24.11.2022) во Скопје, започна дводневната обука на полициските службеници од СВР Скопје што ја спроведува тим од полициски инструктори од програмата „Сина храброст”, што се реализира преку ИЦИТАП - програмата при Амбасадата на САД во РСМ. По претходно одржаните обуки во СВР Куманово и во СВР Велес, а согласно планот и распоредот за реализација на проектот, овој пат обуката продолжи со полициски службеници од СВР Скопје.
Преку оваа програма се подигнуваат капацитетите на полициските службеници преку континуирана едукација и обука, притоа грижејќи се за личниот развој, здравјето и добросостојбата на полициските службеници. Притоа, од страна на инструкторите најмногу внимание се посвети на полициското работење односно на примарниот факт дека самата организација на полициското работење и нејзините припадници треба да имаат цврсто втемелени професионални и лични стандарди и вредности за интегритет, храброст и карактер. Целта на овие обуки е насочена кон квалитативно зголемување на подготвеноста на полициските службеници за справување со сите видови и форми на предизвици со кои тие секојдневно се соочени при извршувањето на својата должност, а со неа ќе бидат опфатени сите полициски службеници во РСМ.