Вчера (23.11.) полициски службеници за превенција при Одделението за внатрешни работи Пробиштип во основното училиште “Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, реализира едукативна работилница на тема "Безбедно од дома до училиште".
На работилницата која што беше посветена на сообраќајната едукација на учениците од прво и второ одделение, преку презентација на “Сообраќаен буквар“, децата беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи за категоријата пешаци, односно за категоријата учесници во сообраќајот што ги опфаќа и децата. Учениците поделени во две групи, во текот на стручните презентации од страна на полициските службеници имаа можност да научат за важноста од познавањето и почитувањето на сообраќајната сигнализација, како и за правилното движење по тротоарите.
Исто така, вчера, на истата тема – сообраќајната безбедност на децата -Отсекот за превенција при СВР Штип, во соработка со Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај и Националната установа Универзитетска Библиотека “Гоце Делчев“ од Штип реализираа едукативно предавање и за учениците од ООУ “Страшо Пинџур“ во општина Карбинци и учениците од ПОУ “Страшо Пинџур“ во село Радање при општина Карбинци.