22 септември 2022

Спасовски: Преку соработка на полицијата и приватното обезбедување до унапредена јавна безбедност

Денеска, (22.09.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани” во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во присуство на професори и студенти, како и припадници на Секторот за приватно обезбедување. Во рамки на дебатата е и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, која е резултат на истражувачката студија „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, и содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, а го реализираше тим од Филозофскиот факултет во Скопје во состав: проф. д-р Оливер Бакрески, проф. д-р Марјан Ѓуровски и м-р Лета Барџиева Миовска, воедно и автори на книгата, а голема важност има и ангажманот на МВР, односно на м-р Сашо Тасевски, особено при спроведувањето на истражувањето во МВР.

„Јавната безбедност претставува дел од безбедноста, односно оној така да кажам најконкретен облик на безбедноста насочен кон заедница и кон нејзините граѓани притоа во потполност регулирана со позитивното право на државата, така што граѓаните имаат увид и влијание на работата на субјектите на јавната безбедност, а тоа е примарно е полицијата”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање при што нагласи дека има простор за кооперативност и унапредување на мотивираната соработка и активности, и кај МВР и кај Комората за приватно обезбедување, но и кај академската заедница од областа на безбедноста.

„МВР препознавајќи ја неспорната потреба од соработка помеѓу полицијата и приватното обезбедување, како дејност која што технички, организационо, стручно, професионално направи драстични позитивни надградби во изминатата деценија, уште во 2018 година тој факт и содржински го реализираше преку потпишувањето на Меморандумот за соработка, за партнерство со Комората на приватното обезбедување а во насока на продлабочување на меѓусебна соработка и координација за заедничко надополнување во организирањето и спроведувањето на превентивни мерки и програми, во интерес на зголемување на безбедносните стандарди и практики”, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека студијата ги нотира општите трендови во доменот на координацијата и соработката помеѓу полицијата и приватната безбедност кои што се однесуваат на зголемување на бројот и опсегот на партнерски активности; динамизирање на размената на информации; поголем степен на обезбедување приватни безбедносни услуги за традиционални функции на спроведување на законот; пораст на искористување на ресурсите и институционализација на партнерствата.

„Практично овој труд јасно сугерира дека услугите на државниот и на приватниот сектор може да се комбинираат со цел да се намали криминалот, а да се зголеми безбедноста. Конечно примерите со состојбите за време на пандемијата од Ковид 19 дополнително ја аргументираа потребата од активен ангажман, соработка и координација на сите безбедносни чинители како имепратив сам по себе, особено во поглед на квалитетен прв одговор, и поставување на силите врз основа на претходни искуства со слични сценарија”, подвлече на крајот министерот Спасовски.