ОВР Струга изминатиов викенд ја спроведе превентивната кампања „Соседска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од Одделението за превенција, родители, претставници на Советот на родители, од секторот за образование при локалната самоуправа како и на Центарот за социјални работи, во периодот од 22.00 до 02.00 часот, извршија превентивна обиколка низ угостителските објекти, како и места на отворен простор каде во ноќните часови младите најчесто се собираат и се задржуваат. Притоа, кај еден малолетник, пронајдени и одземени се една електро шок направа и метален пендрек по што е повикан неговиот родител и во присуство на претставник од Центарот за социјални работи, извршен е службен разговор во полициска станица.
Во повеќе угостителски објекти, после полноќ затекнати се малолетни лица, поради што против одговорните и правните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави. Целта на кампањата е родителите да видат какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните ризици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.
Проектот има за цел преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.