Полициски службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција заедно со претставници од Јавното претпријатие „Национални шуми“ -Подружница Лешница Тетово, денеска предпладне (13 јули) на наплатната станица Желино им поделија на речиси 200 возачи флаери, што претставува планирана активност во рамките на кампањата за заштита од пожари „Лето без пожари 2022“, која неодамна беше промовинарана во Скопје. Во дистрибуираните флаери, изработени на македонски и албански јазик, граѓаните поблиску се информираат и се предупредуваат на опасностите од настанување на пожари, на најчестите причини за нивно избувнување, а во нив се наведени и законските импликации, но и последиците од огнените стихии и особено од оние од поголеми размери.
Цел на кампањата, во која се вклучени и неколку високообразовни институции од нашата земја, Противпожарниот сојуз, Шумска полиција, професори и студенти, е навреме да се превенираат пожарите на отворен простор во летниот период и пред се шумските, кои неретко завршуваат со тешки последици по шумите и имотот и животот на луѓето.