28 јуни 2022

Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши на годишната Министерска конференција на Салзбуршкиот форум


Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши денеска преку видео обраќање учествуваше на годишната Министерска конференција на Сазбуршкиот форум што се одржува во Варшава. Во своето обраќање тој истакна дека Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи придаваат особено значење на менаџирањето на миграцијата и на справувањето со нејзините предизвици.


„Областа на враќање и реадмисија е дефинитивно една од најзначајните области и тешко е да се зборува за ефикасна безбедност на границите без постоење на ефикасен механизам за враќање. Но, еден од многуте крупни предизвици на миграциските кризи е, секако, враќањето на нелегалните мигранти во земјите на нивното потекло. Најголема причина за тоа е недостатокот на договори за реадмисија со земјите на потекло. Севкупната соработка во однос на враќањата и реадмисијата со земјите на потекло на мигрантите генерално не е на највисоко ниво - процесот на идентификација на лицата е многу спор и неефикасен. Дополнително, фактот што најголем број од земјите на потекло немаат свои дипломатско-конзуларни претставништва во државата го отежнува не само враќањето, туку и комуникацијата и брзата размена на информации во целина. Како резултат на тоа, во најголем број на случаите нашите барања за добивање на информации во однос на утврдувањето на идентитетот на мигрантите се одговорени со големо задоцнување или воопшто не добиваме одговор. Сепак,, ние остануваме посветени на решавање на ова прашање и ги користиме сите расположливи механизми и платформи за соработка, со цел поефикасно адресирање на овој предизвик. Притоа, цениме дека поддршката на ЕУ е од исклучително значење и перформансите на институциите на ЕУ во овој домен значително би можеле да ја подобрат оваа состојба. Покрај тоа, најновите миграциски движења предизвикани од подрачјата зафатени со воени дејствија, претставуваат особен предизвик за сите нас, со посебен акцент на згрижување на лицата кои доаѓаат од ризичните подрачја“, рече заменик министерот Буши.


Заменик министерот Буши на министерската конференција зборуваше за операциите на помогнато враќање и реинтеграција кои се имплементираат во рамките на Програмата на Меѓународната организација за миграции, преку која досега се вратени вкупно 103 лица во нивните земји на потекло.


„Кога зборуваме за реадмисија, не мислиме само на едноставна постапка на враќање на лицата во нивните земји на потекло. Напротив, концептот на реадмисија опфаќа одржливо враќање и реинтеграција на лицата во нивните земји на потекло. Без разлика дали станува збор за доброволно или присилно враќање, истото мора пред сè да се реализира со целосно почитување на фундаменталните права, на безбеден и достоинствен начин. Од тие причини и во интерес на самите лица кои треба да бидат вратени, соработката меѓу земјите од засегнатите региони би требало да се интензивира на начин што ќе овозможи реализирање на процесот на враќање во што е можно пократок рок и на што е можно похуман начин за засегнатите лица. Во таа насока, подобрувањето на соработката би требало да се насочи кон потпишување на договори за реадмисија и, секако, тие практично да се спроведуваат, а истовремено да се обезбеди платформа за брза комуникација и соработка, како во фазата на враќање, така и во подготвителната фаза“, потенцираше заменик министерот Буши.