31 октомври 2021

Спасовски: На Локалните избори 2021 нашата земја го положи демократскиот испит на зрелоста, граѓаните покажаа дека демократијата станува дел од културата на нашето граѓанско општество

 Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовскина прес-конференцијата по завршувањето на вториот круг од локалните избори

 

Спасовски: На Локалните избори 2021 нашата земја го положи демократскиот испит на зрелоста, граѓаните покажаа дека демократијата станува дел од културата на нашето граѓанско општество

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете ми на почетокот да го изразам моето задоволство од тоа како протече денешниот изборен ден, од вториот круг од овие локални избори, но и од тоа како во целост минаа Локалните избори 2021 – во мирна и фер атмосфера, со положен  демократски испит на зрелоста на нашата земја. А за тоа искрени честитки заслужуваат граѓаните, кои покажаа дека знаат што е демократија, дека демократијата не е нешто што се случува само за време на избори, но изборите се показател до каде сме стигнале во тој континуиран процес на градење. Граѓаните покажаа дека демократијата станува дел од културата на нашето граѓанско општество, дел од нашите животи.

Уште едно важно обележје на овие избори, во текот на целиот изборен процес, е што граѓаните на дело го покажаа партнерскиот однос со македонската полиција, нешто на што активно работевме во изминатиов период, сфаќајќи дека поддршката од секого е драгоцена кога имаме заедничка цел – фер и демократски изборен процес во кој ќе бидат зачувани законитоста, безбедноста, јавниот ред и мир. Нивната грижа за иднината на својата земја ја покажуваа со нивното навремено пријавување во МВР на сите нивни сомнежи за евентуални нарушувања на избирачкото право, па полицијата, како гарант за заштита на законитоста, но и квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани можеше брзо и навремено да одговори на сите доспеани пријави за заеднички да ги спречиме сите злоупотреби на ова уставно загарантирано право. Со тоа го остваривме примарниот принцип на демократијата – а тоа е вредноста и достоинството на поединецот.

Или, поконкретно, во текот на денешниот ден не се регистрирани посериозни инциденти и поголеми нарушувања на изборниот процес и јавниот ред и мир во текот на вториот круг од гласањето, земајќи ги предвид досега пријавените случаи во МВР.

До 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 31,7 %, во споредба со изборите во јули 2020 година. Во вториов круг се регистрирани 114 пријавени настани, од кои најголемо намалување од 67% е забележано кај пријавените поткупи. Најголемиот број пријавени настани се на подрачје на СВР Штип - 50, 32 настани на СВР Куманово, 12 на СВР Битола, шест на СВР Скопје, пет на СВР Струмица, пет на СВР Тетово, три на СВР Охрид и еден настан на подрачје на СВР Велес.

Најголемиот број на настани се однесуваат на:

·         агитирање на гласачи - 83 настани, од кои 14 се отфрлени како неосновани, а по другите пријави се постапува. Притоа, во овој сегмент влегуваат и пријави за превезување на гласачи, вршење притисок/влијание на гласачи, носење на лични карти на гласачи, телефонски јавувања и др.

·         изборен поткуп – 10 настани, од кои три се веќе отфрлени како неосновани, а за останатите се преземаат мерки за расчистување

·         вербални закани –три пријавени настани,

·         злоупотреба на лични податоци - два пријавени настани, 

·         загрозување на сигурноста – два настани, од кои еден отфрлен како неоснован, додека за другиот се постапува,

·         групирање на лица во близина на гласачко место- два настани, од кои еден отфрлен, а за другиот преземаме мерки за негово расчистување.

·         Ова се покарактеристичните настани во текот на овој изборен ден, пријавени досега, но би сакал да ги споменам двете пријавени кривични дела, и тоа  уништување на изборен материјал на подрачјето на ОВР Кичево, за што против лицето кое е приведено ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување изборен материјал“ и повреда на тајноста на гласањето на подрачјето на ОВР Кочани за што ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето“.

 

Во пет од настаните (три на подрачје на СВР Битола и по еден на СВР Скопје и СВР Тетово) пријавени се пет полициски службеници, од кои четири пријави се отфрлени како неосновани, а за петтиот се преземаат мерки и активности за расчистување.

Со задоволство можам да констатирам дека Министерството за внатрешни работи, кое има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси, успешно ги презеде сите надлежности предвидени со Изборниот законик: од доставување на податоците за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на денешниот изборен ден, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК. Значи, МВР максимално подготвено одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес за што би сакал да упатам благодарност до сите припадници на полицијата за извршување на работните задачи на највисоко професионално ниво. 

Во оваа прилика би сакал да упатам посебна, лична благодарност до медиумите, до вас новинарите, за соработката и за квалитетот на односите што ги градевме и во текот на овој изборен процес, а кој се засноваше на веќе воспоставениот партнерски однос кој секојдневно го јакнеме.

Значи, можам со задоволство да констатирам дека Република Северна Македонија го положи тестот на демократска зрелост, покажавме уште еднаш дека не само што имаме доволно демократски капацитети, туку и дека континуирано ги развиваме, со што заеднички го подигаме меѓународниот углед на земјата. Нашите граѓани и нашите институции, со својата зрелост и одговорност, го потврдија својот избор да градат концепт што нуди перспективи, гарантира стабилност и развој на земјата, за заедничка победа на демократијата и евроатлантските вредности.