14 октомври 2021

Државната секретарка м-р Несторовска учествуваше на заеднички состанок на две работни групи во рамки на Будимпештанскиот процес


Државната секретарка м-р Магдалена Несторовска денеска (14.10.2021) беше домаќин на виртуелниот заеднички состанок на Работната група за Југоисточна Европа и на Работната група за Патот на свилата во рамки на Будимпештанскиот процес, во својство на член на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД, кој функционира како Секретаријат на Будимпештанскиот процес) и во својство на Национален координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. На состанокот со свои излагања учествуваа и претставници од надлежните служби на Министерството за внатрешни работи.

Во својот говор, г-ѓа Несторовска ја подвлече важноста од функционален механизам за враќање, воспоставување систем за рано предупредување, како и подобрена соработка меѓу службите од регионот со цел успешно управување со миграцијата.

„Воспоставувањето рамнотежа помеѓу одговорноста и солидарноста отсекогаш претставувало голем предизвик. Заштитата на животот и здравјето на мигрантите, без разлика дали се со легален или илегален статус, е најголем приоритет во управувањето со миграциите. За таа цел, развиен е сеопфатен национален механизам во кој се вклучени сите надлежни државни институции, релевантни меѓународни и невладини организации. Овој механизам опфаќа навремена идентификација на овие лица, нивно одвојување од криумчарите, трговци со луѓе, обезбедување помош и други видови на поддршка“, истакна м-р Несторовска.

Овој заеднички состанок на Работната група за Југоисточна Европа и Работната група за Патот на свилата е трет по ред и завршен состанок на македонското претседавање со Работната група за Југоисточна Европа, кое беше преземено во 2019 година. Трите состаноци дадоа забележителни резултати во насока на усогласување на постоечките Стандардни оперативни процедури за постапување со ранливи категории мигранти, непридружувани малолетници и жртви на трговија со луѓе, како и за управување со миграција во време на ковид-19 и во целост, водеа кон зголемување на довербата меѓу службениците за спроведување на законот од различни региони и подобрување на нивната соработка.