13 септември 2021

Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на меѓународната научна конференција на Факултетот за безбедност „Три децении независна македонска држава” која се одржа денес

 

Почитуван декан на Факултетот за безбедност, професор Дујовски

Почитувани професори,

Почитувани учесници,

Организирањето на меѓународната научна конфереција на Факултетот за безбедност со наслов „Три децении независна македонска држава“ е исклучително значаен настан и доаѓа во вистинско време кога се одбележува тридеценискиот развој на државата, каде безбедноста е еден од носечките столбови за развој на општеството, демократијата и институциите на системот.

Токму минатата недела се одржа централниот настан за обележување на Денот на независноста, со што се направи свечено сеќавање на бројните значајни настани кои доведоа до денешниот развој на Република Северна Македонија. Во вакви прилики вреди да се присетиме на првите денови по референдумот во 1991 година, на годините потоа кога се градеа институциите, кога се развиваа политиките и државата се подготвуваше да ги исполни критериумите за членство во ЕУ и НАТО, што уште во првите години од независноста беа утврдени како врвни стратешки приоритети. Денес сме полноправна членка на НАТО и земја сериозно подготвена да ги започне и успешно да ги води преговорите за членство во ЕУ.

Безбедносниот систем е една од основните одлики на современите демократии и основа за функционирање на правната држава и нејзините институции. Министерството за внатрешни работи во овие три децении е централна институција во областа на безбедноста на македонската држава и со тоа двигател на нејзиниот развој. Освен во редовното одржување на правниот поредок на државата, полицијата во повеќе наврати одигрува историска улога во заштита на поредокот, законите, безбедноста и благосостојбата на своите граѓани.

Уште со повлекувањето на тогашната југословенска армија, министерството за внатрешни работи ја одигра главната улога на гарант на безбедноста и не дозволи државата да биде втурната во конфликт какви што имаа некои од поранешните југословенски републики што беа мрачни историски периоди и епизоди на кои сите се сеќаваме и ден денес. Во конфликтот што го имавме во 2001 година исто така министерството за внатрешни работи, полицијата, заедно со армијата беа на првата борбена линија со крајна цел заштита на територијалниот интегритет и неделивост на границите на нашата држава.

Во еден период на режим и нарушеност на демократскиот поредок и злоупотреба на полицискиот систем и надлежности од кои најеклатантно беше прислушкувањето на повеќе од 20.000 граѓани, сепак професионалниот дел од полицијата ја одигра својата улога за на крај да победи демократијата, владеење на правото и законите повторно да бидат воспоставени како што е секое демократско општество.

Следуваа интензивни реформи на безбедносниот сектор во голема мерка поддржани од науката за безбедност и научната мисла претставена преку експертизата на Факултетот за безбедност. Денес имаме и градиме модерна европска полиција, систем за безбедност по терк на развиените држави во кој полицијата и граѓаните работат заедно и на разни креативни начини ги решаваат проблемите поврзани со криминалот, општествените девијации и сите други безбедносни проблеми и предизвици.

Пандемијата со вирусот КОВИД-19 освен медицински има и предизвикувачки безбедносен карактер на кој верувам дека како МВР одговоривме како и претходно на сите големи кризи со професионалност на првата „борбена“ линија на заштитата на граѓаните и општеството. Денес систематски и посветено ги унапредуваме сите материјално-технички услови за работа на полициските службеници и професионалци со цел креирање на задоволна полиција која ќе овозможи поголема безбедност и сигурност и подобри услуги за граѓаните.

Во иднина интензивно продолжуваме со инкорпорирање на научната мисла во постојано реформирање и развој на системот за безбедност, заедно со Факултетот за безбедност и нашите меѓународни партнери и пријатели.Овде сакам да ја потенцирам регионалната стручна и меѓународна соработка и релациите со сите министерства за внатрешни работи и академска соработка од научен аспект, што Факултетот за Безбедност ја остварува во регионот и пошироко.

Борбата против криминалот останува врвен приоритет за професионалците од МВР и полицијата, но треба да биде водилка и за научните работните, универзитетските професори, истражувачите во научните установи и сите чесни и одговорни граѓани кои се посветени на изградба на функционален безбедносен систем кој може да се носи со предизвиците на 21-от век. Насилниот екстремизам, тероризмот, нелегалните миграции, но и новите сериозни форми на организиран криминал, сајбер криминалот, недозволената трговија со дрога и бројни други незаконити дејствија, бараат тесна соработка помеѓу практичарите и теоретичарите, а се со цел за изнаоѓање на квалитетен и навремен одговор на секоја закана по безбедноста на граѓаните и на државата.

Со особено задоволство ги поздравувам учесниците од 12 држави во регионот и Европа и очекувам објавените трудови да имаат силно влијание во полициската практика, а полициските службеници ќе имаат можност да бидат во тек со најновите светски случување во науката за безбедност, која зазема значајно место во плановите за развој на полициската служба.

Уште еднаш сакам да го потенцирам отворениот пристап и подготвеноста на Министерството за внатрешни работи за соработка со високо-образовните институции, особено со Факултетот за безбедност како централна институција со која МВР гради извонредна соработка. Уверен сум дека научно-истражувачките проекти кои се спроведуваат, како и обуките за вработените во МВР се нераскинлив дел од соработката која ќе продолжи да се развива и во наредниот период, а Факултетот за безбедност ќе продолжи да биде расадник за квалитетни кадри кои ќе бидат носители на безбедноста во државата.

Дозволете ми на крајот да Ви посакам успешна работа во наредните два дена и со нетрпение ги очекуваме заклучоците од конференцијата и можноста за нивна имплементација во унапредување на безбедносниот систем на Република Северна Македонија.

Ви благодарам