На 27/28.07.2021 година во периодот од 22.00 до 02.00 часот, СВР Охрид, на подрачјето на Дебар, ја спроведе превентивна кампања „Соседска патрола“. Притоа, мешани патроли составени од полициски службеници од Отсекот за превенција во Охрид и Дебар, претставници од Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа и од Центарот за социјални работи во Дебар извршија превентивна обиколка на повеќе угостителски објекти во централното градско подрачје, на периферијата од градот, како и на други јавни места на отворен простор каде, во ноќните часови, младите најчесто се собираат и се задржуваат.
Целта на кампањата е родителите да се запознаат каде излегуваат нивните деца и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на вечерните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Во рамките на кампањата, полициските службеници разговораа со младите на јавните места и во угостителските објекти, а малолетните лица посебно беа информирани околу законските обврски кои мора да се почитуваат. Притоа, не е констатирано присуство на малолетници во угостителски објекти по 24 часот, ниту други безбедносни проблеми.
Проектот „Соседска патрола“ има за цел да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да придонесе за зголемување на степенот на безбедност, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, подигање на нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да почитување на законските одредби, пред сѐ, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.