16 јуни 2021

Заменик министерот Буши на 21 состанок на Комитетот на министри на КПС на ЈИЕ


Денеска, (16.06.2021) заменик министерот за внатрешни работи м-р Назим Буши, учествуваше во он лајн формат на 21 состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа во организација на Секретаријатот на КПС ЈИЕ, а под претседателство на Република Унгарија. На настанот учествуваа високи делегации на 12 земји, членки на КПС ЈИЕ: Република Северна Македонија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Хрватска, Холандија, Чешка, Шведска, Швајцарија и Германија и меѓународните организации ЦЕПОЛ, ДЦАФ, ЕВРОПОЛ, ФРОНТЕКС, Советот на ЕУ, ИИСГ, ИОМ, ОБСЕ, СЕЛЕК и УНОДЦ и Секретаријатот на КПС ЈИЕ.

Заменик министерот Буши во своето обраќање изрази благодарност за поканата и организацијата на овој состанок на тековниот претседавач- Република Унгарија со КПС ЈИЕ и Секретаријатот на КПС ЈИЕ , меѓу другото и во однос на темите околу искуствата и лекциите кои органите за спроведување на законот ги научиле за време на пандемијата со КОВИД 19, како и мерките што биле преземени за промоција на оперативната соработка при обезбедување на поефикасна заедничка акција против протокот на нелегални мигранти и ги претстави мерките и активности кои биле преземени од МВР на РСМ за спречување на ширењето на КОВИД 19 од безбедносен аспект. Заменик министерот Буши истакна дека Министерството за внатрешни работи ги стави во функција сите свои капацитети, човечки и материјално-технички ресурси во насока на ефикасна превенција, прв одговор и справување со настанатата состојба со пандемијата Ковид 19, додека пак активностите кои се спроведуваа се базираа на претходно изготвен Оперативен план за функционирање во услови на прогласена кризна состојба, а подоцна и вонредна состојба, укажувајќи помош на граѓаните, правните лица и на државните органи во остварувањето на пропишаните права и обврски, заштитата на животот и личната сигурност на граѓаните и имотот.

Заменик министерот Буши истакна дека во Република Северна Македонија во рамките на системот за заштита и спасување и управување со кризи во тек е реформски процес за подобрување токму на веќе споменатите комуникација и координација. Исто така, се наметнува и потребата од неопходно донесување на законски и подзаконски акти кои ќе ја уредуваат вонредната состојба, вклученоста на приватното обезбедување за вршење на одредени активности заедно со полицијата како и донесување на нов Акциски план со брзи рокови за постапување заради поголема ефикасност и интероперабилност на институциите во Република Северна Македонија.

Во однос на темата ,,Мерките кои биле преземени за промоција на оперативната соработка при обезбедување на поефикасна заедничка акција против протокот на нелегални мигранти“ заменик министерот Буши истакна дека во справување со нелегалната миграција појавата на КОВИД-19 донесе едно сосема ново искуство во функционирањето и работата не само на граничната полиција туку и на Министерството за внатрешни работи и на системот за Интегрирано гранично управување во целина.

Заменикот Буши се осврна и на тековната заедничка меѓународна операција на јужната граница која ја наведе како еден од најдобрите примери за ефикасна оперативна соработка, особено ги потенцираше регионалните заеднички и координирани операции на земјите од регионот преку поддршката на ДЦАФ и на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа.