16 јуни 2021

КРИТИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА: ЕУ ДИМЕНЗИЈА, ЗАКОН, СТРАТЕГИСКИ И ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ПРИСТАП

 Во прилог интегралното обраќање на министерот Спасовски:

Ваши Екселенции:

Почитуван претседател на Република Северна Македонија, г-дин Пендаровски,

Почитувана министерке за одбрана, г-ѓа Шекеринска-Јанковска,

Проф.д-р Спасов, г-ѓа Старова,
Почитувани претставници на академската заедница, експерти од областа, професори на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“,

Почитувани панелисти, драги претставници на Балканската истражувачка мрежа „БИРН“,
Претставници на медиумите,

Дами и господа,
 

Дозволете ми на почетокот да ве поздравам и да го изразам своето задоволство што денеска на оваа конференција имаме можност да размениме гледишта за една исклучително важна тема, која е тесно поврзана со безбедноста на нашата држава, но и со процесот за пристапување кон Европската Унија.

Дефинирајќи ја критична инфраструктура, Европската Унија ја нагласува потребата од адекватна заштита на системите, имотот или сите оние сегменти кои се од суштинско значење за одржување на виталните општествени функции, здравјето, безбедноста, економијата и благосостојбата на луѓето, а чие нарушување или уништување можe да има значителен импакт врз функционирањето на целата држава. Истовремено, критичната инфраструктура е важен и суштински дел на националната безбедност, a нејзината заштита претставува еден од приоритетите на секоја држава, дотолку повеќе што општо гледано, под критична инфраструктура се подразбира сè она што е од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество.

Досегашното искуство нѐ уверува дека критичната инфраструктура може да биде оштетена или загрозена од многу глобални безбедносни предизвици: природни катастрофи, небрежност, компјутерски напади, криминални активности или акти на тероризам. Притоа, за да ги заштитиме животите и имотот на нашите граѓани и институциите, нашиот одговор мора да биде брз, координиран и ефикасен.

Следејќи ги искуствата на државите членки на Европската Унија, сосема логично, интегрираниот приод е основата на нашите активности, со учество на сите надлежни субјекти, земајќи ја предвид меѓусебната зависност на различните сектори на критичната инфраструктура и нивната меѓусебна интеракција. Значи, креирањето на тој сеопфатен пристап подразбира идентификување на сите релевантни капацитети во јавниот и приватниот сектор и дефинирање на конкретни надлежности и активности, со цел тие да бидат во функција на подобрување на заштитата на критичната инфраструктура.

 

Истовремено, следејќи ги основните принципи на Европскиот концепт за заштита на критичната инфраструктура, ефикасната заштита ја наметнува потребата од континуирана комуникација и координација на сите релевантни субјекти, што подразбира навремена и постојана размена на податоци за ризиците, заканите и ранливоста на критичната инфраструктура, притоа создавајќи средина на доверба и обезбедена заштита на споделените податоци.

Вака поставениот пристап, покрај тоа што бара постојана надградба, тој се заснова на континуиран процес на анализа на ризиците за функционирањето на критичната инфраструктура и проценката на адекватноста на мерките на заштита. Во тој контекст и Европската Агенда за борба против тероризмот, која се темели на четирите столба - да се предвиди, спречи, заштити и одговори - ги развива  постојните политики и покренува иницијатва за донесување на нов сет на мерки за зајакнување на отпорноста на критичната инфраструктура од физички и дигитални ризици.

Нема дилема дека заштитата на критичната инфраструктура, како платформа за одржување на развојот на секое општество и држава, претставува пред сѐ национална одговорност, конкретизирана преку начелото на супсидијарност на кое се базира и Европската програма за заштита на критичната инфраструктура.

Меѓутоа, не смееме да ја заборавиме и пошироката, надворешна или регионална димензија, која ја има заштитата на критична инфраструктура лоцирана на територијата на една држава, а чие загрозување или евентуално уништување може да има значително влијание на повеќе држави. За таа цел, од посебна важност е јакнењето на прекуграничната соработка, преку споделување на исти вредности, донесување на заеднички методологии за идентификација и класификација на ризиците, заканите и ранливоста на наведената инфраструктура. 

Неспорно е дека реформите се повеќе од неопходни со цел исполнување на обврските за членство во ЕУ, кои на институциите и општеството, преку нивниот континуиран развој и надградба ќе им гарантираат поголема безбедност. Следејќи ги препораките на Европската Комисија, во однос на Поглавјето 24 - Правда, слобода и безбедност, поточно во областа на борба против тероризмот, имплементацијата на Директивата на ЕУ за европската критична инфраструктура и, воопшто, на ЕУ концептот во однос на ова прашање, претставува предизвик за кој националните институции, во тесна соработка со научната и стручната јавност, треба да обезбедат одговор, наоѓајќи му заслужено место во националното законодавство.

Ако ги земеме предвид националните стратегии на повеќето држави членки на Европската Унија, во однос на заштитата на националната и европската критична инфраструктура, како и преземените чекори на земјите кои се веќе во процесот на пристапните преговори со ЕУ, се наметнува заклучокот дека повеќето држави наведените прашања ги уредуваат преку донесување на посебни закони за заштита на критичната инфраструктура. Потребата од донесување на посебен закон, кој ќе претставува правна рамка за заштита на критичната инфраструктура, е веќе детектирана и предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризам, кој во октомври 2019 година го потпишавме со Европската Комисија.

А обврските се преземаат за да се реализираат. Ова прашање веќе сериозно го разгледувавме пред Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој раководи премиерот и во кој членуваат првите луѓе од сите безбедносни структури во државата и уверен сум дека за многу скоро време ќе можеме да зборуваме за завршена обврска. Бидејќи, да бидеме начисто - тоа не е само обврска на нашиот пат кон Европската Унија. Тоа е обврска кон нас самите!

Дами и господа,

Сведоци сме дека кризните и вонредните состојби се дел од секојдневниот живот и со развојот на општеството се зголемуваат изворите и интензитетот на безбедносните ризици. Како што споменав, нивната комплексност ја наметнува потребата од креирање на сеопфатен пристап кој ќе биде изграден со инклузивност на јавниот и приватниот сектор, кој ќе претставува одговор на извршени анализи и во кој ќе бидат инкорпорирани искуствата и добрите пракси на државите членки на ЕУ. Несомнено дека донесувањето на посебен закон за заштита на критичната инфраструктура ќе претставува голем исчекор, но тој процес мора да биде паралелен со обезбедувањето на услови и средства за негова имплементација, јакнење на институционалните капацитети преку обуки, како и промовирање на поблиска соработка на јавниот и приватниот сектор.    

Уверен сум дека оваа конференција, со ваков импозантен академски состав, е извонредна можност за правење важен исчекор токму во таа насока. Искрено очекувам дека денешните дискусии ќе придонесат за разгледување на ова прашање од различни аспекти и во отворена и конструктивна размена на предлози и идеи меѓу претставниците на академската заедница и експертите во оваа област ќе изградиме квалитетни ставови за нашите понатамошни активности.

Благодарам.