Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на неговата работна посета на Република Словенија по повод учеството на министерската конференција: 10. Неформален состанок на министри за внатрешни работи на Брдо Процесот даде интервју за угледниот словенечки весник „Дело“.
Во него Спасовски зборува за справувањето на Република Северна Македонија со епидемијата со Ковид-19, мигрантската криза и илегалните миграции, борбата со организираниот криминал и сите други форми на криминал, патот на балканските држави кон ЕУ и нивната улога во спречувањето на криминалот во ЕУ.
Во прилог целосното интервју на министерот Спасовски за „Дело“.
Балканот во ЕУ полесно ќе ја одбрани Европа од криминалот
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија
Порторож, 10 јуни 2021 година
Впечатокот дека балканската мигрантска рута годинава е порастоварена е точен. Во првите четири месеци годинава имаше за 17,2 проценти помалку обиди за незаконито влегување во Северна Македонија отколку во истиот период минатата година. Повеќе злоупотреби има на деца на интернет на целото подрачје на Југоисточна Европа, рече во разговорот за „Дело“ министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Имавме средба во Порторож по завршувањето на неформалните средби на регионалните министри за внатрешни работи. Човекот, којшто го снајде малерот токму во јануари лани да го преземе раководењето со Tехничката влада на таа држава и да ги воведе мерките за ограничување на ширењето на епидемијата на Ковид-19, толку доследно ги почитуваше основните мерки за спречување на ширењето на вирусот, што посебно го замоливме на отворено да ја симне заштитната маска.
Разговорот за безбедносната ситуација во регионот го започнавме, се разбира, со мерките за ограничување.
Како Македонците ги прифатија ограничувањата и дали во политичка смисла ви наштети фактот што ги воведовте?
Задоволен сум од реакцијата на граѓаните на релативно строгите мерки. Статистичките податоци покажаа дека повеќе од 98 проценти од луѓето ги почитуваат мерките, не може да се почувствува поголем отпор кај луѓето.
Клучна е транспарентната комуникација, да им кажете на луѓето дека Владата не сака да ги затвори, дека сме заедно во несреќата и дека тоа не му се допаѓа никому, но дека мора да сториме нешто за да се спречи ширењето на заразата. Се чини дека луѓето имаа доверба во нас и дека релативно добро ги прифатија мерките.
Дали кај вас сè уште е на сила полициски час?
Да, сè уште, од полноќ до четири часот изутрина. Рестораните и локалите се отворени до полноќ. Спротивно од некои други држави во регионот, за влез во Северна Македонија не е потребно да бидете вакцинирани или да направите тест.
Зошто е тоа така?
Претходно имавме определени ограничувања за влегување во земјата, карантин и слично, но во последно време сфативме дека поради строгите ограничувања премногу страдаат економијата и бизнисот.
Немаме голема потреба да ги ограничуваме луѓето, бидејќи кај нас се ретки туристичките посети. Најмногу доаѓаат само нашите граѓани што работат во странство, но за македонските државјани нема ограничувања, македонските државјани дури и во време на полицискиот час може да влезат во земјата, но не и странците. Оценивме дека тоа е добро за нашата економија, затоа ги поставивме ограничувањата на тој начин.
Со колегите од регионот разговаравте за организираниот криминал. Се чини дека криминалците од различни држави многу полесно се разбираат отколку политичарите. Зошто е тоа така?
Криминалните структури се секогаш чекор пред државата, бидејќи ги спојува интересот. Од друга страна, вистина е и тоа дека и во политиката нема вечна љубов, туку само вечен интерес, но кај криминалците тој е секогаш во прв план.
Тие прават сè за да ја надитрат државата. Затоа е многу важно како ќе се поврзат институциите на различните држави и како ќе им застанат на патот на криминалните здруженија, за коишто границите не претставуваат препрека. Без оглед на тоа дали станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, илегални миграции, трговија со наркотици и така натаму.
Според вашето мислење, што можете да постигнете со средбите на министрите за внатрешни работи?
Балканот со својата геостратешка положба е привлечен и за криминалците, што ни предизвикува големи проблеми. Поради тоа сметам дека е важна секоја иницијатива за регионално поврзување во борбата против организираниот криминал. Важна е брзата размена на информации меѓу државите.
Зборувавте за илегалните миграции. Што заклучивте и дали е точен впечатокот дека има помалку миграции?
Тој впечаток е точен, ако ги споредиме нашите бројки во првите четири месеци од оваа и од минатата година, ќе утврдиме дека има за 17,2 проценти помалку обиди за илегално преминување на границата.
Многу е важно да имаме заедничка политика, но Западен Балкан може ефикасно да се справи со илегалните миграции само со заедничка политика на ЕУ, тоа е главната констатација. Брзата меѓусебна размена на информации има клучно значење. Тука има уште многу простор за подобрување.
За што уште разговаравте?
Големо внимание им посветивме на новите форми на криминал против децата, коишто во голема мера се распространија во времето на епидемијата, кога децата поминуваа многу време пред компјутерите и на интернет.
Како држави мора да сториме сè за да можеме соодветно да одговориме на валканите злосторства над младите. И тука е од клучно значење силно да ја развиеме меѓусебната комуникација. Тероризмот, илегалните миграции и компјутерскиот криминал се предизвиците на денешниот ден и на иднината.
Како посиромашните држави во регионот може успешно да се фатат во костец со компјутерскиот криминал?
Не би рекол дека главниот критериум за успешна борба против компјутерскиот криминал е богатството на државата. И за многу побогатите и поразвиените земји тоа претставува голем предизвик.
Прашање е дали навреме сме препознале дека тоа за сите нас еднаш ќе претставува голем економски проблем. Добро е што на регионално ниво има повисока свест за опасноста од компјутерскиот криминал за општеството.
Технологијата овозможува безбедносен надзор на секој чекор, а тоа ги отвора прашањата за приватноста и човековите права. Како гледате на тоа?
Како демократски општества постојано се обидуваме да воспоставиме рамнотежа меѓу безбедноста, борбата против криминалот и заштитата на човековите права.
Во 21 век новите технологии им се подеднакво достапни и на државите и на криминалците, и во 2021 година не можеме ефикасно да се бориме против криминалот и корупцијата со методи, мерки и законски решенија од деведесеттите години.
Во општествата треба постојано да се бараат решенија, коишто ќе понудат соодветен одговор за криминалците, а истовремено и ќе ги заштитат човековите слободи и права.
Прашањето на влегувањето на државите од овој регион во ЕУ се чини многу важно и за борбата против криминалот.
Полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот ако бидеме дел од ЕУ. Нашата позиција е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни. Мнозинството граѓани сакаат да влеземе во ЕУ, целиот регион нема алтернатива во однос на членството во ЕУ.
Ќе сториме сè за да ја постигнеме целта и да ги започнеме преговорите со ЕУ. Се надевам дека ќе се случи поместување уште пред почетокот на словенечкото претседателство на Советот на ЕУ.
Се чини дека на подрачјето на Балканот „изигрувањето на законите“ е своевидно хоби. Зошто не би биле заобиколувани и европските закони?
Криминал и корупција немаме само на Балканот. Тоа не е нешто што е непознато и во западните држави. Се создаде перцепција дека кај нас има многу повеќе криминал и корупција отколку на друго место, а нашата задача е да го промениме тој впечаток.
Во голема мера сме им посветени на реформите на законодавството, што е добро. Но, главното прашање е како да се реформираат умот и вредностите, за да престанеме да бараме дупки во законите. Ако успееме во тоа, сето останато ќе биде полесно.
Новица Михајловиќ