10 јуни 2021

Министерот Спасовски на 10.Неформален состанок на министри за внатрешни работи во рамки на Брдо Процесот

 Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  и државната секретарка на Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со   министрите за внатрешни работи и шефовите на делегации кои членуваат во Брдо Процесот, претставници од Република Австрија, од институции на ЕУ и меѓународни и регионални организации, во Порторож, дискутираа за неколку круцијални теми и прашања кои ги надминуваат границите на регионот, односно претставуваат европски и глобални предизвици.

Во текот на вчерашниот работен ручек присутните учесници се осврнаа на борбата против трговијата со луѓе и зајакнувањето на соработката врз основа на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа.

 Денеска на дневен ред беше министерската конференција, односно 10–тиот Неформален состанок на министри за внатрешни работи на  Брдо Процесот, фокусот на дискусијата беше ставен на управувањето со мешани миграциски текови, кое се наметна како предизвик со зголемениот број на нерегуларни пристигнувања во регионот, кој за мигрантите претставува транзитна рута до Европа.

Во своето излагање, министерот Спасовски како посебни приоритетни области за кои е потребно натамошно зајакнување на капацитетите, се осврна на граничните проверки и граничниот надзор, односно опрема за граничните премини наменета за спречување на незаконски влез, воспоставување  интегриран систем за видео надзор на државната граница, поддршка во обезбедувањето на мобилност на патролните тимови и тимовите за реакција, редовна  размена на информации и податоци, а гледано во перспектива – и опрема за копнен и воздушен надзор во реално време.

Меѓудругото министерот Спасовски во обраќањето рече дека ,,Поставувањето на интероперативен систем за идентификација би овозможил поефективно идентификување на мигрантите, но и споделување информации на потенцијални безбедносни ризици, вклучително и во контекст на организиран криминал и тероризам, чија крајна цел би била подобра прекугранична полициска соработка и безбедност за сите. Согласно стратешката определба за полноправно членство и придружување кон ЕУ, но и со цел поефикасно учество во изнаоѓањето на заеднички европски одговор на миграциските предизвици, приоритет на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија останува развивањето на национални капацитети за идентификација и регистрација, согласно критериумите на ЕУ, кои ќе бидат интероперабилни со ЕУ системите. Искуствата покажаа дека поседувањето на компатибилни национални капацитети само по себе не е доволно, па затоа неопходно е паралелно да се работи и на изнаоѓање можности за нивно практично поврзување со соодветните ЕУ системи.

Како составен дел од процесот на ублажување на миграцискиот притисок во регионот, од исклучително значење за регионот е поддршката на Заедничката платформа за соработка, на Европската крајбрежна стража и на други меѓународни и регионални иницијативи, особено во областа на враќање на илегалните мигранти во нивните земји на потекло. Во овој контекст, напорите на партнерите од Западен Балкан во воспоставување правна основа за соработка при враќање и реадмисија со трети земји претставуваат позитивен развој и добра практика што треба да се следи.

 

За успешно справување со илегалната миграција неопходен е сеопфатен и заеднички пристап на надлежните служби на сите засегнати држави, надлежните агенции на ЕУ и Европската комисија, со поддршка на релевантни меѓунарoдни и регионални организации во рамки на нивните надлежности, кој ќе вклучува активности со моментален и видлив ефект врз миграцискиот притисок, а со тоа ќе овозможи гранично управување на долг рок, согласно Европскиот концепт за интегрирано гранично управување,,.

 

Во рамки на министерската конференција министерот Спасовски имаше обраќање  на уште една тема специфична и за жал, глобално распространета - сексуалната злоупотреба или сексуалната експлоатација на деца преку интернет, особено актуелна во услови на пандемија. Министерот Спасовски рече ,,Факт е дека за успешна превенција, сузбивање и навремено казнување на сторителите, нужно е континуираното подобрување на соработката помеѓу регионалната полиција и систематска и планска соработка помеѓу сите установи, служби и организации коишто имаат одредена улога во процесот на заштита на децата од насилство, со посебен акцент на меѓународната соработка и координација во оваа област. Во очекување сме иницијативата за здружување на криминалните истражители од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да прерасне во вистинска експертска мрежа, преку која заеднички би соработувале во истраги и спречување на онлајн сексуална експлоатација на деца. Преку заедничка обука, размена на знаење, добри практики и заеднички активности насочени кон зголемување на капацитетите за идентификација на жртвите и сторителите, оваа мрежа на експерти, зајакната со вклучувањето на ЕВРОПОЛ и ЦЕПОЛ, уверен сум дека ќе доведе до зајакната истрага за сексуална експлоатација на деца преку интернет,,.

Уште една форма на активна соработка помеѓу полициските сили на земјите од регионот се очекува и од напредокот на заедничката кампања за превенција која е заснована на проектот Кажи Не!, подготвен од страна на партнерите кои учествуваат, со поддршка од Европол, кој треба да започне во септември. Нејзината цел е предупредување и заштита на што е можно повеќе деца и малолетни лица за стапиците на интернет поврзани со сексуална злоупотреба и експлоатација, како и да ги најде и доведе пред лицето на правдата сексуалните предатори.

До крајот на годината се очекува секоја земја партнер да подготви извештај со анализа на состојбите во својата држава, која потоа ќе биде основа за стратешки иницијативи, успешни практики и идни заеднички активности за уште поуспешна борба на ова поле, го заврши своето обраќање министерот Спасовски.

На маргините на министерската конференција, министерот Спасовски оствари билатерална средба и со Директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот  г-ѓа. Нина  Грегори.