31 мај 2021

Донација од Владата на Република Полска за граничната полиција на Република Северна Македонија

 

Денеска на Граничниот премин „Богородица“ амбасадорот на Република Полска во Република Северна Македонија, Н.Е. Војциех Тицињски на заменик директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Ариф Асани му ја врачи донацијата од Република Полска наменета за граничната полиција што се состои од заштитни средства (заштитни маски, заштитни ракавици, дезифициенси), а во рамки на побараната помош преку Евроатлантскиот координативен центар за катастрофи при НАТО (EADRCC).

Заменик директорот на БЈБ Асани се заблагодари за донацијата во име на МВР на Република Северна Македонија и упати посебна благодарност до припадниците на полската гранична стража, кои заедно со македонската гранична полиција учествуваат во заедничките операции за зајакнат надзор на нашата јужна граница, пред се во борбата против илегалната миграција, притоа оддавајќи признание за нивната висока професионалност во извршувањето на поставените задачи.

“Несебичната поддршка од Република Полска, најнапред за справување со миграциската криза, а сега и во справувањето со коронавирусот, само ја потврдуваат одличната соработка меѓу двете држави и двете министерства за внатрешни работи, која ќе продолжи да се развива и во иднина“, истакна заменик директорот Асани.

Полскиот амбасадор Тицињски, пак, од своја страна нагласи дека оваа активност се реализираше по иницијатива на претседателот на Република Полска, господинот Анджеј Дуда, во соработка со полската Влада.
“Полската помош за Република Северна Македонија ја потврдува важноста што ја даваме на пријателските односи со земјите од регионот. Полска доследно и активно ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција. Ова се однесува и на политичката сфера, како и на практичното споделување на нашите искуства од периодот на пристапните преговори.

Нашата помош претставува симболична потврда на меѓународната солидарност на Полска со Северна Македонија во контекст на борбата против пандемијата КОВИД-19“, истакна полскиот амбасадор Тицињски.