19 мај 2021

Учество на министерот Спасовски на Петтиот состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност (SCSG) во рамки на Берлинскиот процес

 “Областа – безбедност - за првпат беше вклучена во портфолиото на Берлинскиот процес во 2018 година за време на претседавањето со овој процес на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, година во која впрочем и се формираше Управната група на чиј состанок учествуваме и денес.
За кратко време и во релативно бурен политички период во целиот регион на Западен Балкан, во рамки на оваа Група утврдивме јасен правец на дејствување и патека по која сакаме да се движиме, со што полека но сигурно, Управната група станува препознатлива по областите кои се предмет на нејзиниот фокус и дејствување“.
Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно видео обраќање на Петтиот состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност (SCSG) во рамки на Берлинскиот процес, што се одржа во соорганизација на министерствата за внатрешни работи на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и на Република Северна Македонија.
Министерот Спасовски посочувајќи ги постојаните предизвици во борбата против разните облици на организиран криминал, особено сега во услови на актуелна глобална пандемија, и нагласувајќи ја свесноста дека ниту една држава не може самостојно да се справи со сите тие предизвици, потенцираше дека : “навлегуваме во еден поинаков и многу посериозен пристап во кој ги подигнуваме на едно повисоко рамниште превенцијата, ефикасноста, оперативноста и соработката во борбата насочена против организираниот криминал“.

“На регионален и меѓународен план, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија изминативе години активно учествуваше во размената на информации и спроведување на меѓународни истраги за организиран криминал и сузбивање на организирани криминални групи од меѓународни размери, како по сопствени иницијативи, така и со партиципирање во иницијативи на други држави, при што оствари интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и до земјите од ЕУ“, истакна Спасовски.

Притоа министерот Спасовски се фокусираше и на дел од приоритетите што за министерството за внатрешни работи се високо на агендата на активности, како што се препознавањето и превенцијата на ризиците од корупција, контролата на малото и лесно оружје, како и илегалната миграција особено во контекст на заедничката иницијатива на МВР на Република Северна Македонија и МВР на Република Австрија за “Заедничка координативна платформа“ во насока на сузбивање на илегалната миграција по т.н. источно медитеранска рута, поефикасна и поквалитетна гранична заштита, гранично управување и процедури на азил.

Според министерот Спасовски – “Регионалната сопственост е од клучна важност за зајакнување на ефективноста на соработката, не само од аспект на осигурување негова успешност, туку и од аспект на обезбедување силна инволвираност на регионот на Западен Балкан. Ние сме тие што се директно засегнати и што се свесни за тоа кои се нашите потреби, слабости, но и силни страни. Затоа, ме радува фактот што Берлинскиот процес го препознава овој факт и што оваа Управна група за преземени обврски од областа на безбедност ја поседува регионалната перспектива за постигнување оптимална искористеност на постоечките капацитети за регионална соработка и за воведведување на нови механизми за соработка меѓу меѓународните организации и Западен Балкан“.

Инаку меѓу планираните активности на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамки на Берлинскиот процес за 2020 година беа идентификувани неколку клучни активности почнувајќи од здружувањето на постојните регионални механизми, платформи и иницијативи за споделување информации во реално време (на пример, СЕЛЕК, СЕПКА, КПС ЈИЕ), потоа опфаќањето на постојните аранжмани, соодветните празнини и предизвици, и препорачување на области за подобрување или на соодветни решенија за најефективна и брза размена на информации помеѓу различни агенции за спроведување на законот на национално и регионално ниво; како и зајакнување на оперативната соработка и размена на информации меѓу јурисдикциите на Западен Балкан и со релевантни специјализирани агенции.