Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски и заедно направија увид во тековните градежни активности на објекти на факултетот, за чие што реновирање се издвоени 1.535.845 денари, средства обезбедени од Буџетот на Министерството за образование и наука и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола. Министерот Спасовски и деканот Дујовски изразија задоволство од досегашниот тек на градежните активности и динамиката на нивна реализација, со очекување дека истите би завршиле до крајот на месец мај. Во изминатите неколку години факултетот инвестираше вкупно 8.540.691 денари на капитални инвестиции во реконструкција и реновирање на објектите на факултетот, со што значително се подобрија условите за работа и студирање.
Во рамки на посетата министерот Спасовски и деканот Дујовски со своите најблиски соработници остварија и работна средба на која стана збор за јакнење и надоградување на досегашната соработка меѓу МВР и Факултетот за безбедност, размена на искуства и спроведување за различни видови на обуки, за потребите на студентите на факултетот и за полициските службеници. И двете страни се согласија дека ваквиот концепт на учење ќе помогне во поддршката и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, во реформирање на системите и процесите и, секако, на ефективно исполнување на зацртаните цели и подобрување на резултатите.
На крајот од средбата Министерот Спасовски во знак на исклучителната соработка, а по повод 7 мај Денот на полицијата, на проф. д-р Никола Дујовски декан на Факултетот за безбедност му додели Плакета за особен придонес во промоцијата на професионализмот во Министерството за внатрешни работи.