12 мај 2021

Директорот на БЈБ м-р Тасевски на првото Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на ЈИЕ (СЕПКА)

 


Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски  вчера и денес (11-12.05.2021) учествува на првото виртуелно Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа (СЕПКА), организирано во рамки на претседавањето со Асоцијацијата на Црна Гора.
Првиот ден од средбата беше предвиден за обраќања и иницијативи на меѓународни организации и странски земји кои ја искажаа својата поддршка за натамошен развој на соработката со СЕПКА.
Во текот на денешниот ден беше отворена дискусија по одредени прашања за перспективите на Асоцијацијата, односно за усвојување на предлози за натамошна соработка помеѓу СЕПКА, Сојузното Министерство за внатрешни работи на Репубика Австрија, Регионалниот проект ИПА 2019 за борба против сериозен криминал, Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа, Интерпол, Европол и други.
Инаку, Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа (СЕПКА) ја промовира трансформацијата на полицијата, со цел зајакнување на ефективните и демократските полициски служби во земјите во регионот. Оттука, таа придонесува за унапредување на регионалната безбедносна околина и има за цел да биде организација која на стратешко ниво ќе управува со полициската соработка во регионот на ЈИЕ. Асоцијацијата се залага за партнерства за намалување на дуплирањето и за зголемување на синергијата, и тоа помеѓу јавните безбедносни институции (граница-полиција-обвинителство) и со други меѓународни организации и претставува партнер на ЕУ за стратешка полициска соработка.