07 мај 2021

Спасовски: За ефикасноста на полициското работење зборуваат конкретните резултати во борбата против криминалот, како и почитта и довербата на граѓаните

 Честитка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод Денот на полицијата – 7 Мај

 

Спасовски: За ефикасноста на полициското работење зборуваат конкретните резултати во борбата против криминалот, како и почитта и довербата на граѓаните

 

Почитувани полициски службеници, вработени во МВР,

Драги колеги,

Овој ден, Ден на полицијата, кој од срце ви го честитам, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа.

Пожртвуваност, затоа што полициските службеници се обврзуваат да ги ставаат безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените, затоа што секогаш треба да се во првите редови за подобар, посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на РСМ, чувари на јавниот ред и мир и градењето на државата. Особено во текот на изминатава година, ситуацијата дополнително беше комплицирана поради пандемијата со која се соочи светот, па должноста за заштита на здравјето, животот и имотот на нашите граѓани стана непроменлив указ за полициските службеници.

Одговорност, затоа што во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите.Нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок! А јас цврсто верувам дека нашата цел е на дофат на раката со воспоставување на концептот на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата. Оваа меѓусебна врска ќе стане уште посилна со континуирано зајакнување системот на соработка со граѓаните, со цел идентификување, демистифицирање и спречување, односно превенирање на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет.

А кога сме кај храброста –уште кога ја облековте оваа униформа, со првите ризични ситуации со кои се соочивте, бевте свесни дека ништо нема да сторите без оваа доблест, исто како што знаевте дека храброста, покрај чесноста, е најголемиот квалитет на умот. А на овој посебен ден не може да не помислиме на оние наши колеги, на оние храбри срца што ги нема денеска во нашите редови - нивната храброст и нивната жртва никогаш нема да бидат заборавени, а она што ни го оставија во наследство и споменот за нив, претставуваат инспирација за секој граѓанин, за нашите млади колеги кои за првпат ќе ја облечат работната униформа, инспирација за иднината на нашата земја – за нашите деца.

И конечно -  моралот, затоа што да се биде полицаец е да се обавува високоморална професија. Вие сте првиот пријател кој е најбаран во незгода или во тешка ситуација, вие сте тие кои создаваат чувство на доверба, на сигурност кај граѓанинот, заштитници на нивните права, интереси и слободи. Тоа ви ја дава моќта, но од вас бара со беспрекорна присебност понекогаш и да се надминете себеси. Токму тоа е причината што имаме толку високи барања кон работата на секој одделен полициски службеник, што инсистираме на одржување на дисциплината и на вашата подготвеност на високо ниво.

Ефикасноста на вашата работа се мери преку конкретни резултати како што се борбата против криминалот и, во голема мерка, почитта и довербата на граѓаните, како и целокупната атмосфера во нашата земја. Кога сме кај борбата со криминалитетот со гордост можам да кажам дека во речиси сите сегменти е очигледно подобрување на резултатите, а евидентно е и генерално намалување на криминалитетот. За споредба, во периодот од 1 јануари 2021 до 15 април 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5% во споредба со истиот период минатата година. Организациските единици во Бирото за јавна безбедност активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите се видливи. А ваквите резултати влијаат и врз зголемување на довербата од страна на граѓаните кои отсекогаш знаеле да ценат чесна, несебична работа и беспрекорно извршување на должностите, со што го градите и имиџот на полицијата, воопшто.

Огромно е задоволството што во последните години одново успеавме да ја воспоставиме таа традиција на обезбедување на почит кон секој таков поединец кој придонесува за градење на нашето демократско општество со европски стандарди во полицијата, а МВР како силна институција која го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите и претставува квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани. Свесен сум дека само ефикасна, силна и задоволна полиција, која работи со полн капацитет и легитимитет, испорачува резултати во активностите за справување со криминалот. Затоа и се заложив за севкупно подобрување на професионалните услови за работа и подигање на социјалниот статус на полициските службеници.

Горд сум што за период од три и пол години реконструиравме 55 објекти, кои сега имаат додадена вредност бидејќи се енергетски ефикасни, а овие две недели пристигаат и комплет униформи за неколку полициски единици. Набавивме пловни објекти, мотоциклистичка опрема, а за обнова на униформи и опрема во буџетот за оваа година имаме обезбедено близу половина милијарда денари, што е еден од највисоките износи во историјата на министерството. Обезбедивме и средства за исплата на бонус плата на вработените во МВР за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, кои ќе бидат исплатени во јуни, а веќе ги исплативме бонус платите за 2017 и 2018 година.

Продолжуваме со силна мотивираност да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, со цел уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија. Би сакал уште еднаш искрено да ви го честитам, почитувани колеги, вашиот професионален празник – Денот на полицијата и на сите вработени во МВР да ви посакам здравје, успех, просперитет и уште подобри резултати во вашата многу важна работа.

Да живее македонската полиција!

Да живее Република Северна Македонија!