Секогаш е добро кога заедно разговараме за проблемите и секако дека можеме да извлечеме многу поуки и од оваа дебата како да продолжиме подобро во наредниот период, рече министерот Оливер Спасовски во завршното обраќање пред пратениците на расправата по поднесената интерпелација од пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива.
„Што е тоа што треба заеднички да го преземаме и да видиме каде имаме пропусти во системот. Сигурно можеме да констатираме дека владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на тие криминални структури, на тој режим, создаде сериозен проблем во институциите. И затоа мислам дека и низ оваа дебата имаме нова перспектива за тоа што треба да поправиме. Ќе ве охрабрам како пратеници да давате предлози, решенија, добро е кога сите заедно разговараме и можеме да најдеме и решенија...Имаме добар пример во неколку текстови на закони каде што сите заедно решаваме проблеми на граѓаните“, рече министерот Спасовски.
Заблагодарувајќи се на сите учесници во расправата, доколку пратениците ја отфрлат интерпелацијата, вети уште посилна работа и уште подобри резултати.
„Ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно и попосветено да работиме заеднички во интерес на граѓаните, а ве повикувам и вас, почитувани пратеници од опозицијата, приклучете се заедно да направиме добро за нашата Македонија“, рече министерот Спасовски.