26 април 2021

Спасовски: Само од почетокот на годината до средината на април запленети се околу 850 кг дрога, намален бројот на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%, сузбиени две криминални групи

 

Во своето обраќање пред пратениците на денешната седница на која на дневен ред беше неговата интерпелација, министерот Спасовски потсети дека како резултат на интензивираните активности и координираното водење на криминалистичките истражувања во борбата со недозволената трговија со дрога, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година се остварени значајни резултати, при што беше сузбиена шестчлена криминална група, а беа спречени пет меѓународни транспорти на дрога, во чии рамки се запленети над 688 килограми марихуана. Во овој период, истакна Спасовски, се запленети околу 850 килограми наркотична дрога, при што значајно е зголемена заплената на марихуана, хашиш, амфетамин и синтетички таблети.

„На граничниот премин Богородица, при извршен  претрес во товарно возило  помеѓу легалната стока-отпадна хартија, пронајдени и одземени се 390 килограми марихуана, набавена од Косово, која требало да се транспортира до Турција. На патниот правец Росоман-Прилеп, во близина на с.Манастирец-Кавадарци, во патничко возило управувано од лице од струшко пронајдени се 180 килограми марихуана. Во близина на с.Селемли-Гевгелија запленети се 92 килограми марихуана. Меѓу позначајните реализации се и разбиената мрежа на улични дилери и препродавачи на дрога на подрачјето на Прилеп, за што мерки на кривичен прогон се преземени против четири лица од Прилеп. Во април 2021 година беше сузбиена и шестчлена криминална група на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец, при што беа запленети 200 килограми марухуана. Веднаш по моето враќање во МВР, уште во септември минатата година, беа запленети над 400 килограми дрога, беа сузбиени и две организирани криминални групи, во кои дејствувале 12 членови, спречени беа три меѓународни транспорти на дрога...“, рече Спасовски.

Во делот на интензивните активности за спречување на илегалната миграција и сузбивањето на криумчарење мигранти, министерот Спасовски реферираше пред пратениците: „Засилени се контролите на терен со поставување на контролни пунктови, полициски службеници и мото патроли, со цел намалување на бројот на мигранти кои транзитираат низ нашата држава. Интензивните активности резултираа со намален број на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%. Притоа, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со моето повторно враќање во МВР минатата година, беа детектирани и сузбиени две криминални групи составени од 18 членови, кои во период од десет месеци нелегално пренеле околу 250 мигранти со потекло од Блискиот Исток од Р. Грција на територијата на Северна Македонија“.