26 април 2021

Спасовски: Горди сме што од страна на ГРЕКО беше препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, а транспарентни се оние кои нема што да кријат!

 


„Дали некому можеби му пречат позитивните и охрабрувачки оценки од ГРЕКО - тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, во нивниот Извештај за нашата земја од Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои претставуваат уште една верификација дека се движиме по вистинскиот пат?!“, упати прашање до пратениците министерот за внатрешни работи Спасовски на седницата на која на дневен ред беше неговата интерпелација.

„Со оглед на фактот што овој Извештај се занимаваше токму со евалуација на активностите во делот на промовирање на превенцијата од корупција и на интегритетот на носителите на јавни функции, од аспект на надлежностите и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи, посебно се радувам што беа препознаени напорите на Министерството да одговори на препораките на ГРЕКО. Од нив дел се однесуваа на јакнење на независноста од политички влијанијана полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи, за што беше неопходно создавање на адекватна законска рамка. Затоа, пристапивме кон неопходните законски измени, и тоа во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, суштински за успешна имплементација на препораките. Горди сме и на фактот што од страна на ГРЕКО е препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, преку  целосно имплементирање на нивната Препорака бр. 11 за  јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност, како една од „најтајните структури на владите“, воопшто, според зборовите на ГРЕКО“, посочи Спасовски, додавајќи дека сега овие податоци на МВР се целосно јавно објавени и лесно достапни за сите граѓани.

„Со ваквата транспарентност продуциравме квалитетно, прецизно презентирање, односно гласност во нашето институционално функционирање, а бенефитот е заеднички и повеќезначен: како за институцијата, така и за јавноста, за граѓаните. Дали оваа транспарентност некому пречи? Верувам дека пречи! Исто како што длабоко верувам дека оние заради кои сме тука – граѓаните, знаат оваа транспарентност да ја ценат! Затоа што транспарентни се оние кои нема што да кријат“, потенцираше министерот за внатрешни работи во своето обраќање.