Во рамки на денешната посета на подрачјето на СВР Струмица, министерот Спасовски заедно со раководството на МВР оствари и работни средби со градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов, како и со раководствата на Полициското одделение Богданци, на Регионалниот Центар ЈУГ и на Граничниот премин Богородица, како и со градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, на кои се разговараше за актуелни теми од безбедносен аспект и за идните планови за продлабочување на соработката на локалната самоуправа и полицијата.
„Ова е уште една од низата посети која има за цел поблиско запознавање со моменталните состојби и предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници, имајќи го предвид приоритетот што го постави раководството на МВР за востановување на модерна, опремена, професионално подготвена, но и задоволна полициска служба”, истакна министерот на средбите.
На крајот на посетата на регионов, министерот Спасовски порача:„Преку денешниве средби добивме една целосна претстава за постигнатото во досегашниот период, но ги нотиравме и приоритетите што треба перспективно да се реализираат, односно ги утврдивме целите што во делот на полициските обврски и задачи ги очекуваме и посакуваме во наредниот период од нашите колеги овде, во Гевгелија и Богданци“, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски посочи дека во модерните, современи концепти на полициско работење полицијата и локалната заедница се упатени на меѓусебна комуникација и континурана соработка, сè со цел постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржување на јавниот ред и мир, во заштита на материјалните добра.
„Оттаму, наша основна задача е континуирано етаблирање на таквите стандарди на партнерско делување и квалитетна соработка во сите локални средини, независно дали се тие рурални или урбани. Само така се гради оној неопходен кредибилитет, интегритет и законитост во работењето на полициската служба, во интерес на граѓаните“, подвлече министерот за внатрешни работи, објаснувајќи дека темите кои беа во фокусот на вниманието на средбите се состојбите во сите области од безбедноста, граничното полициско работење, како и соработката на полицијата со локалните власти и со граѓаните.
Градоначалниците на Гевгелија и на Богданци, Сашо Поцков Блаже Шапов, изразија големо задоволство од соработката со полицијата во областа на безбедноста и ги поздравија контунираните успешни полициски акции за откривање на мигранти во текот на минатата година и двете акции од минатиот месец, кога на јужната граница полицијата откри поголемо количество марихуана и пресече меѓународен канал за шверц со дрога.