02 април 2021

Спасовски: Реконструирано полициското одделение во Дојран, продолжуваме со подобрување на условите за работа на полицијата

 

„Со оваа работна посета имаме за цел непосредно да се увериме во она што за нас е од особена важност – санацијата и реконструкцијата на објектот на Полициското одделение Дојран. Јас и претходно во неколку наврати нагласив дека во склоп на зацртаните плански активности наредниов период за подобрување на материјално-техничките стандарди на работа и функционирање на сите организациони единици при Министерството за внатрешни работи, ние со несмален интензитет продолжуваме со инвестирање во обнова и изградба на материјалната инфраструктура, на подобрување на сите технички и градежни стандарди како базичен предуслов за нормално и ефикасно работење на полициските службеници“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при неговата денешна посета на јужниот регион, Граничниот премин Стар Дојран и Полициското Одделение Дојран, на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.

„Објектот на Полициското одделение Дојран, за што денеска можеме да се увериме дека за релативно краток период успеавме да ги завршиме сите предвидени градежни зафати, во поголем дел беше доста амортизиран и во оштетена состојба. На овој објект целосно е санирана кровната конструкција, со сета потребна инфраструктура, а од аспект на енергетска одржливост и ефикасност изработена е нова термоизолациона фасада со акрилен завршеток на целиот објектот и инсталирано е ново парно греење. Покрај ова, целосно е заменета електричната инсталација, санирани и обновени се санитарните јазли, а извршени се и низа други градежни работи надворешно и внатрешно во самиот објект. Средствата за сите тие зафати во висина од 5 милиони денари се обезбедени како и во сите претходни вакви активности од буџетот на Министерството“, потенцираше министерот Спасовски.

Спасовски истакна дека за овие три и пол години се реконструирани 54 објекти, додека во моментов интензивно се работи на реконструкција и санација на четири објекти, и тоа: Секторот за внатрешни работи Куманово, Полициската станица Ресен, Полициското одделение Ростуше во Општина Маврово – Ростуше и Војничкиот клуб во Касарна Илинден за потребите на Специјалната антитерористичка единица – Тигар.

„Нашата обврска, односно зацртаната цел - подобрување на условите на работа на сите полициски службеници и, генерално, во самото министерство во целина - продолжува да се реализира и остварува“, порача Спасовски.

На средбата со градоначалникот Ангов беше потврдена досегашната исклучителна соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа.

„Позитивната улога која ја врши полицијата во нашата општина е особено евидентна при  одржувањето на јавниот ред и мир во текот на целокупната туристичка сезона, кога има значително зголемена фреквецнија на граѓани и туристи. Ја разгледавме и можноста за носење на базна станица, два дена во неделата, со што нашите граѓани нема да има потреба да патуваат во Гевгелија, со што ќе се реши голем проблем на целиот град“, потенцираше градоначалникот Ангов.

 

Во поглед на безбедносната состојба на Јужниот регион реферираше началникот на СВР Струмица, Танчо Пројковски, кој истакна дека има значително намалување на стапката на криминалет во првите три месеци на 2021, во споредба со истиот период во 2020 година по дела како што се разбојништва, тешки кражби и недозволена трговија со дрога и криумчарење мигранти. Само за споредба, во март 2020 година беа поднесени 32 кривични пријави за тешка кражба, наспроти март 2021 со 5 кривични пријави или за недозволена трговија со дрога со 5 кривични пријави во март 2020, наспроти една кривична пријава во март 2021.

Во рамки на денешната посета на регионов министерот заедно со раководството на МВР ќе оствари работни средби и со градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов, како и со   раководствата на Полициското одделение Богданци, на Регионалниот Центар ЈУГ и на Граничниот премин Богородица. На средбата со градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, пак, ќе се разговараше за актуелни теми од безбедносен аспект и за идните планови за продлабочување на соработката на локалната самоуправа и полицијата.