24 февруари 2021

Средба Спасовски-Кожуваровска: Се зголемува безбедноста во сообраќајот, договорени кампањи на МВР и РСБСП за уште побезбеден сообраќај

 Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, г-ѓа Гордана Кожуваровска. Министерот Спасовски, изрази задоволство од досегашната соработка со РСБСП, а г-ѓа Кожуваровска потенцира дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет. Статистиките покажуваат дека во 2020 година е евидентно намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајни незгоди, а овие трендови се уште повидливи во јануари 2021 година.

Во јануари 2021 има намалување на жртвите од сообраќајни незгоди за 56 отсто, споредено со јануари минатата година. Во јануари оваа година има четири жртви, а во јануари 2020 година имало девет жртви. Вкупниот број на сообраќајни незгоди пак во јануари е намален за 19 отсто. 2020 година пак е година со најмал број на жртви во историјата- 125 и доколку се направи анализа евидентно е дека од 2017 година оваа бројка постојано се намалува. Соговорниците заклучија дека со заеднички напори и залагања можат да се постигнат уште подобри резултати во областа на сообраќајот и пред се дополнително намалување на бројот на жртви. За таа цел се договорени низа превентивни кампањи кои треба да стартуваат од наредниот месец.