04 февруари 2021

За 56 отсто намален бројот на загинати во сообраќајни незгоди во јануари, 2020 година со најмал број на жртви

 


По моето враќање во МВР во септември отпочнавме со низа оперативни акции за подобрување на безбедноста на граѓаните, а една од акциите е насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот и пред се намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици и анализите покажуваат дека се евидентни резултатите од засилените контроли, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција.

-Граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајни незгоди во 2020 година, а овие трендови се уште повидливи во јануари 2021 година. Во јануари 2021 имаме намалување на жртвите од сообраќајни незгоди за 56 отсто, споредено со јануари минатата година. Во јануари оваа година има четири жртви, а во јануари 2020 година имало девет жртви. Вкупниот број на сообраќајни незгоди пак во јануари е намален за 19 отсто. 2020 година пак е година со најмал број на жртви во историјата- 125 и доколку се направи анализа евидентно е дека од 2017 година оваа бројка постојано се намалува- соопшти Спасовски.

Но, ние како министерство, потенцира Спасовски, продолжуваме со интензивни мерки и активности за оваа бројка да биде многу помала и статистиката од месец јануари покажува дека сме на добар пат.

„Една од мерките со кои сакаме да влијаеме на свеста на учесниците во сообраќајот е изработката на мапа на црни точки, односно места каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици. Апелирам до вас, претставниците на медиумите, да ја споделите оваа мапа со јавноста и да ги информираме граѓаните за да бидат внимателни на овие места, а полицијата ќе има континуирани засилени контроли на овие т.н. црни точки и на тој начин да придонесеме да се намали бројот на сообраќајни незгоди.  Продолжуваме и со засилените контроли особено на автопатите, но и на другите патишта, како и улиците во населените места. Продолжуваме да работиме интензивно, а, се разбира, сакам и на вас медиумите да ви искажам голема благодарност за соработката и следењето на нашите акциски контроли, со што и вие имате директен придонес за подигањето на сообраќајната култура затоа што само со заеднички напори и континуирано работење можеме да дојдеме до зацртаната цел, побезбедни улици и патишта“, рече Спасовски.