12 јануари 2021

Средба на министерот Спасовски со програмскиот директор на ИЦИТАП Програмата при Амбасадата на САД во Скопје, Даглас Медн

 Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски остварија средба со програмскиот директор на ИЦИТАП Програмата при Амбасадата на САД во Скопје во заминување, Даглас В. Медн.

Министерот Спасовски се осврна на соработката со ИЦИТАП Програмата која изминатите години ја поддржуваше професионализацијата на полицијата преку проектите и техничката помош наменета за Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Тој се заблагодари на богатата, искрена и пријателска поддршка и потенцираше дека и во иднина Министерството за внатрешни работи ќе биде насочено кон трајна соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, со особен акцент на реализација на заедничките проекти со ИЦИТАП Програмата.

Програмскиот директор Медн лично ја предаде кратката биографија на неговиот наследник на оваа позиција со уверување дека интензивирањето на соработката со Министерството за внатрешни работи ќе продолжи во континуитет.

По повод заминувањето на досегашниот програмски директор Медн, министерот Спасовски му врачи плакета за континуираната поддршка во модернизацијата на капацитетите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, изразувајќи искрена благодарност за досегашната двегодишна соработка преку ИЦИТАП Програмата и Амбасадата на САД во Скопје.