Почитувана министерке за одбрана, г-ѓо Шеќеринска
Почитуван началник на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник, г-дин Ѓурчиновски,
Почитуван заменик министер за внатрешни работи, г-дин Буши, Припадници на МВР и Армијата на РСМ,
Дами и господа
Спроведувањето на законите, вклучително и на оние кои што ја тангираат безбедносната сфера на општествено живеење, не значи само нивно нормативно почитување, туку бара и неколку други темелни претпоставки за да може да се претендира на оперативна ефикасност и исполнителност.
Еден од тие предуслови е континуирана и истовремено квалитетна професионална обука на сите припадници на безбедносните служби, кои што, по словото на законите, по своите обврски и надлежности што од таму произлегуваат, ја имаат улогата да бидат непосредни, директни актери на остварувањето на безбедносната заштита на правниот поредок, на материјалните добра, на животот и сигурноста на секој наш граѓанин.
Во организациската поставеност и на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, една од фундаменталните оперативни позиции им припаѓа на припадниците на специјалните единици во двете институции, полициски и воени. Можеби различни по законските задачи и овластувања, но бездруго блиски, па дури и идентични - како во целите што треба да ги остваруваат, така и во практичните професионални стандарди што треба да ги исполнуваат за бескомпромисно и успешно справување со сите поставени задачи.
Оттаму, сосема е логично вниманието и значењето што му го укажуваме на денешниот настан - пуштањето во употреба на овој вежбовен објект – стрелиштето за гаѓање со пиштол и автомат за 9 милиметарски калибар на муниција – овде, во касарната „Илинден“, како уште еден конкретен и важен потег во насока на остварување поквалитетна обука и подготовка на полициските и воените специјалци.
Згора на тоа, модерноста на објектот, неговите техничко-тактички перформанси, согласно европските и НАТО стандардите, специфично одбрани и реализирани, гарантира не само поинтензивна, туку и специјализирана обука на оперативно делување, што ни дава за право да очекуваме натамошно зголемување на професионалните капацитети на овој вид наши единици.
Јас сум повеќе од сигурен дека ќе биде така! Наедно, фактот дека овој објект е плод на заедничката соработка на двете министерства, на експертите и професионалците од двете институции, кои што и во годините наназад покажаа дека можат и знаат заеднички да соработуваат и работат, е дополнителен квалитет и аргумент во нашата решеност секогаш да бидеме не само во тек со сите техничко-материјални потреби и трендови за развој и унапредување на функционирањето на специјалните единици, туку и со тежината и опфатот на предизвиците и задачите што треба и може успешно да се ефектуираат.
Во таа смисла, јас немам дилема дека заеднички направивме уште еден успешен проект, насочен кон зголемување на оперативната моќ и опсегот на полициските и армиските специјалци, во нивната професионална подготвеност и обученост да делуваат во рамките на своите надлежности. Притоа, јасно го демонстриравме веќе установениот континуитет во подобрување и унапредување материјално-техничките капацитети на припадниците на двете министерства, како дел од севкупните општествени реформски зафати што ги преземаме изминативе неколку години.
Безбедносниот сегмент, во тој контекст, ќе биде и натаму во фокусот на нашите приоритети, како од аспект на негова натамошна модернизација согласно НАТО и ЕУ стандардите, така и од аспект на негово целосно обликување на сигурен и бескомпромисен гарант на слободата, сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани.
На крајот, почитувани колеги припадници на специјалните полициски сили, но и на вам колеги од Армијата на РСМ, ви посакувам успешно да ги искористите потенцијалите на овој објект, со порака дека имаме и можеме заеднички да реализираме уште многу вакви полезни проекти.
Ви благодарам.