18 декември 2020

Министерот Спасовски претседаваше со пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претседаваше со пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, на кој учествуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, претставници од институциите - членови на секторската работна подгрупа, на Секретаријатот за европски прашања, на Делегацијата на Европската Унија, претставници на меѓународните организации и невладиниот сектор.

Целта на овој состанок беше презентација, консултација и верификација на ИПА III Стратешките одговори за Прозорец I. Владеење на правото, фундаменталните права и демократијата и тоа:

1.            Тематски приоритет 3: Борба против организираниот криминал

2.            Тематски приоритет 4: Миграција и граниќно управување

Во рамките на воведното обраќање како претседавач, министерот Спасовски истакна дека со проектите кои ќе бидат финансирани во рамките на ИПА III програмата ќе се продолжат интензивните активности во насока на спроведување на суштински реформи и зајканување на капацитетите на институциите во областа „Внатрешни работи“, пред сѐ од аспект на исполнување на стандардите на Европската Унија, но секако, и во интерес на нашите граѓани во креирање на општество во кое владеењето на правото е неприкосновено.

Како една од водечките институции со свои надлежности во оваа област, Министерството за внатрешни работи во изминатиот период интензивно работеше на спроведување на конкретни реформи во сите области од неговото функционирање, вклучително и во најкритичните области, како што се реформите во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата.

Министерот Спасовски во своето обраќање потенцираше дека најголемата финансиска поддршка се реализира во рамките ИПА - Инструментот за предпристапна помош, преку кој се инкорпорираа голем сет на европски стандарди во полициското работење и зголемување на професионализацијата во постапувањето.

Притоа, борбата против организираниот криминал и зајакнување на човечките и техничките капацитети во делот на гранично управување, азил и миграции се едни од главните приоритети за нашата секторска група. За таа цел, овие области беа земени како основа при подговката на потребните документи во рамките на процесот на програмирање на ИПА III програмата“, рече Спасовски.

Во изминатиот период Министерството за внатрешни работи преземаше континуирани активности со цел успешнo спроведување на поставените задачи. Како резултат на овие активности беа подговени неколку стратешки документи, вклучително и двата стратешки одговора за тематските области: Борба против организираниот криминал и миграција и Гранично управување. Стратешките одговори, според Спасовски, претставуваат документи од исклучителна важност за нас, во кои се презентирани клучните приоритети во областите за периодот 2021-2027 и ќе претставуваат основа во идниот процес на ИПА 3 програмирање.

На крајот од состанокот, министерот за внатрешни работи изрази голема благодарност и уверување дека Министерството за внатрешни работи, во соработка со другите институции, ќе продолжи во истата насока и со несмален интензитет со цел исполнување на европските стандарди.