Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка м-р Магдалена Несторовска учествуваа на онлајн настан - 20. Состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа, организирана во рамките на тековното претседавање на Република Хрватска со Конвенцијата за полициска соработка на ЈИЕ и Секретаријатот на оваа Конвенција. На настанот, покрај нашата земја, учествуваа високи делегаци од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Република Северна Македонија, Романија, Словенија.
„Би сакал да ја поздравам заложбата на Европската комисија за креирање на нов сеопфатен европски пристап во однос на миграцијата, презентиран во Новиот пакт за миграции и азил, кој има за цел да обезбеди поголема доверба, како и рамнотежа помеѓу одговорноста и солидарноста. Се надевам дека новиот Пакт за миграции и азил ќе биде основа за една долгорочна миграциона политика, која ќе ги инкорпорира европските вредности во системот за управување со миграцијата, но ќе придонесе и за надминување на недостатоците кои беа детектирани во изминатиот период“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно излагање во рамки на состанокот.
Министерот Спасовски, исто така, истакна дека Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа е докажан повеќегодишен ефикасен инструмент за воспоставување и практична имплементација на повеќе различни форми на полициска соработка, со директен придонес во зајакнувањето на безбедноста во регионот. Потенцирајќи дека Конвенцијата претставуваше правна основа за формирање и функционирање на Заедничките контакт центри за полициска соработка со соседните земји, вршење на мешовити патроли, регулирање на редовно одржување на состаноци на сите три нивоа, потпишување на договори за константно гонење (hot pursuit), контролирана испорака, заеднички истражни тимови, таа беше основа и за иницирање на Заедничката операција на македонско-грчката граница.
„Втор револуционерен документ кој е производ на работата во рамки на Конвенцијата е успешната приказна наречена Договор за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, таканаречениот мини-Прум Договор, со кој се воспостави правна рамка за интегрирана и координирана оперативна соработка меѓу земјите потписнички“, посочи Спасовски.
Министерот Спасовски оцени дека помошта која ЕУ и партнерските земји ја даваат за поефикасно справување со мигрантската криза, но и за јакнење на капацитетите за гранично управување, гледано во целост е огромна.
„Преку инструментите на ЕУ и преку нејзините агенции, како и преку директна билатерална соработка со повеќе земји – членки на ЕУ, овозможена е значителна поддршка во техничка опрема, обука на персонал и јакнење на системските капацитети. Но, мора да бидеме свесни дека станува збор за поддршка која треба да даде резултати на среден и долг рок. За успешно справување со моменталната состојба, потребно е да се изнајде модалитет кој ќе овозможи гранично управување на долг рок, согласно Европскиот концепт за интегрирано гранично управување, а кој ќе вклучува активности со моментален и видлив ефект врз миграцискиот притисок“, рече Спасовски.