15 декември 2020

Министерот Спасовски на јавна расправа за Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство

 „Имајќи ја предвид заложбата на Владата на Република Северна Македонија, преточена во Програмата за работа, еден од клучните приоритети, секако, е усогласување на законската регулатива со ратификуваната Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство“.

Ова, денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на јавната расправа при собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, посветена на Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија.

Говорејќи за предложеното законско решение, министерот Спасовски подвлече дека тоа треба да овозможи воспоставување стандардизиранa мрежа од институции, кои ќе гарантираат сет на услуги за заштита од семејното насилство.

„Ако се земат предвид целите на законот: спроведување на принципот на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенирање од сите форми на родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, како и утврдување мерки и активности за заштита на жртвите на родово-базираното и семејното насилство, притоа доследно почитувајќи ги основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и ратификуваните со меѓународни договори, тогаш факт е дека законот ги опфаќа сите аспекти на постапување на институциите. Почнувајќи од првиот одговор, преку соодветниот треман на жртвите на насилство со целосна заштита на процедуралните права, па сè до соодветниот третман на сторителот и преземање на сите мерки за гонење“, нагласи Спасовски.

 

За Спасовски е неспорно дека интервенцијата на полицијата треба да остане во рамки на начелата дефинирани со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и согласно овластувањата дефинирани во Законот за полиција, притоа апострофирајќи го значењето на воведениот принцип на „должно внимание“, со кој што сериозно ќе се влијае на ефективното постапување на институциите, вклучувајќи ја и полицијата.

 

„Со овој принцип се создава позитивна обврска на државата за ефективна заштита на правото на живот. Всушност, принципот на ‘должно внимание’ ја дефинира обврската на институциите навремено, итно и согласно законските овластувања да ги преземаат сите мерки за да овозможат заштита на жртвата“, нагласи министерот Спасовски.

 

Покрај ова Спасовски нотираше дека законот, од аспект на постапката на полицијата, ги одредува надлежностите на полициските службеници, со целосен опфат на активностите за превенција, за собирање и анализа на податоците, согласно утврдени варијабли за следење на појавата, кои треба да овозможат системски и аналитички пристап, потоа за обука на полициските службеници и, секако, за заштита на жртвата и за гонење на сторителите со соодветно документирање на делото и обезбедување на доказите, при што полицијата останува и понатаму да биде првата влезна инстанца во казнено-правниот систем, најчесто давајќи го и првиот одговор по пријава за семејното насилство.

 

Според министерот Спасовски, „законодавецот препознал дека веднаш по излегувањето на лице место се прави проценка на ризик по животот, телесниот и психичкиот интегритет на жртвата, како и проценка на ризикот од повторување на насилството, со цел квалитетно управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата“.

 

На крајот од своето излагање министерот Спасовски посочи дека станува збор за системски закон, комплексен според вклученоста на бројни институции надлежни за постапување - Центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судовите - но неговата доследна имплементација, пред сè, ќе зависи од подготвеноста на сите субјекти вклучени во системот на превенција и заштита од родово-базираното насилство.

 

„Со имплементација на ова законско решение ќе успееме да дадеме заеднички ефикасен одговор, согласно веќе воспоставениот концепт за нулта толеранција на овој социодевијантен предизвик“, заклучи Спасовски.