„Како стожерен закон во истражно-обвинителскиот сегмент на спроведувањето на законите, Законот за кривична постапка ги дефинира и регулира местото и надлежностите на полицијата, отворајќи реално големи можности за подобро справување со криминалот на институционално или системско ниво, секако, истовремено овозможувајќи ни подоследно спроведување на законите, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Ова, меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната промоција на едукативниот проект на Македонскиот полициски синдикат на тема „Унапредување на основните начела на Законот за кривична постапка и примена на полициските овластувања“, наменет за полициските службеници, што се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово.
Во своето обраќање министерот Спасовски нагласи дека полициското функционирање низ нормативните механизми на овој закон, којшто овозможува не само модернизирана кривична постапка, усогласена со европското законодавство, туку и зајакнување на ефикасноста на кривично-правниот систем, е од суштинска важност: „И тоа подеднакво, како во смисла на децидно и бескомпромисно почитување на полициските обврски преку пропишаните законски одредби, така и во смисла на почитување на полициските надлежности, без никаква дилема во нивната законита оправданост. Особено низ призмата на јавната опсервација на полициското постапување, а пред сè од аспект на почитувањето на човековите права и слободи“.
Констатирајќи дека самиот проект, кој се фокусира на три исклучително битни начела - начелото на презумција на невиност, начелото на законитост и пропорционалност и начелото на правично судење - заслужува целосна поддршка на МВР, министерот Спасовски потенцираше дека проектот има за цел и „натамошно квалитативно унапредување на правните прописи за полициско постапување, пред сè при употреба на средства за присилба, уште повеќе минимизирајќи ги сите евентуални консеквенци, што можат да предизвикаат каква и да е јавна реакција по однос на законитоста на полициското работење, елиминирајќи ја можноста за појава на т.н. ‘полициска бруталност’.“
„Истовремено, проектот има јасна тенденција да им даде до знаење на полициските работници дека нема да бидат препуштени сами на себе во случаите на кривични постапки, каде се тие странки или оштетени, што пак, од аспект на синдикалните принципи на работење, претставува јасен израз на синдикална солидарност и професионална помош“, рече Спасовски.
Поздравувајќи ја иницијативата на Македонскиот полициски синдикат, преточена во проект што во наредниот период ќе се реализира низ сите организациони полициски единици на МВР, министерот Спасовски ја изрази својата увереност дека токму овој вид на проекти претставуваат реални исчекори во натамошното етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста, но и квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани.