23 ноември 2020

Спасовски: Со засилени контроли, проверки и казни максимално ангажираната полиција ја презема својата одговорност


„Полицијата е максимално ангажирана со сите ресурси и капацитети, и тоа не само при извршување на редовните активности кои секојдневно мора да се исполнат, туку и активности поврзани со справувањето со ковид-19. Моментално имаме  повеќе од 17.000 граѓани во изолација, имаме 800 нови лица во последните 24 часа  во изолација. Сето тоа го контролира нашата полиција, секои 24 часа мораме да ги провериме сите овие граѓани. Со другите инспекторати мораме да делуваме на терен за да проверуваме дали се почитуваат мерките за заштита, како на пример, во угостителските објекти, производствените погони и секаде кадешто треба да се почитуваат мерките за лична заштита. Понатаму, во сите сектори имаме активности поврзани со проверки директно кон граѓаните. Знаете, имаше и до 1000 казни во ден за неносење маски, но сега имаме значително намалување на казните што значи дека граѓаните станале поодговорни“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи во „Студио 10“ на ТВ 24.

Спасовски дополни дека МВР и натаму останува посветено на битката со пандемијата, особено сега кога е прогласена кризна состојба.

„Ќе останеме на сите точки каде што сме ангажирани и секаде каде што ќе се процени дека има потреба. Укажувам дека и понатаму ќе се изрекуваат казни ако не се почитуваат мерките за заштита, затоа што казните не се насочени кон некого поединечно, туку преку казните го штитиме јавното здравје. Секоја изречена санкција е насочена кон заштита на нашето здравје, здравјето на нашите семејства, едноставно, на сите нас“, рече Спасовски и апелираше максимално да се почитуваат мерките за заштита.