Вести

28 јануари 2016

Независен и ефикасен систем за жалби уште еден коректив на работата на полицијата

“Постоењето на независен и ефикасен систем за жалби несомнено ќе преставуваат коректив на работата на полицијата и ќе влијаат на  зголемувањето на ефикасноста и одговорноста на полициската служба. Но и можност за зајакнување на довербата на јавноста во полицијата, притоа гарантирајќи дека никој нема да биде заштитен при евентуално  несоодветно или незаконско постапување, особено не оние кои се најповикани да застанат во одбрана на правата, безбедноста и сигурноста на граѓанинот“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната промоција на проектот - “Поддршка за воспоставување на независен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата“ којшто денес започнува со реализација од страна на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, во соработка со Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и македонското МВР.

Министерот Спасовски потенцираше дека крајната цел на проектот е да се идентификува најсоодветниот модел на еден независен механизам за контрола на работата на полицијата и, потоа, истиот да  биде презентиран пред пошироката, особено стручна, јавност. Притоа тој изрази уверување дека проектот успешно ќе одговори на нашите заеднички потреби, заблагодарувајќи се за поддршката од партнерите - Советот на Европа и Кралството Холандија - кои и во изминативе години интензивно беа вклучени во низа заеднички проекти во интерес на евроатлантските интеграции на нашата земја.