Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир.
На средбата присуствуваа и заменик на министерот Назим Буши, државниот секретар Магдалена Несторовска и помошник на министерот за ЕУ и меѓународна соработка Муамет Реџепи. Министерот Спасовски му честиташе на амбасадорот Дејвид Гир за преземањето на функцијата шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија и му се заблагодари за поддршката во процесот на приближување на државата кон ЕУ, особено помошта што нашата држава ја добива за справување со последиците предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
Министерот Спасовски потенцираше дека еден од нашите приоритети членството во НАТО веќе стана реалност, а следна цел е рамноправно членство во ЕУ. Реформите во безбедносните служби со помош на ЕУ и САД ни помогнаа да формираме модерна служба, која ќе работи за доброто на граѓаните.Во тој контекст, во наредниот период нашите активности ќе бидат насочени кон јакнење на капацитетите на полициските службеници и јакнење на меѓуграничната соработка.
Амбасадорот Гир ги поздрави направените реформи и ја истакна важноста и одговорноста која ја има МВР како институција за борба против организираниот криминал. Тој нагласи дека е важно јакнењето на натамошната соработка во областите кои претставуваат заеднички приоритети, како што се борба против оргинизиран криминал, компјутерски криминал и проблемот со миграцијата.