Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде деновиве ќе започне монтажата на соларни системи за греење вода на сите објекти каде што се сместени припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО). Овој проект на МВР, чија вкупна вредност е околу 3,5 милиони денари, е во насока и на една од владините цели - трансформација на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност, со што се овозможуваат поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина.
„Изминативе три години, првично бевме фокусирани на решавање на фундаменталните проблеми, како приоритет за натамошното функционирање на полицијата. На стратешко ниво, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на јавноста за конечно да се воспостават норми и концепт кои ќе бидат и гаранција за да ги етаблираме принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата. На оперативно ниво, свесни за незавидните материјално-технички, социјални, професионални прилики во коишто беше затекната полицијата, односно МВР, решивме да одиме дел по дел во надминувањето на постојните и создавање нови услови за нормално функционирање на полицискиот систем. Примарно се насочивме на генерално подобрување на материјално-техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на на законите – а тоа е полицијата“, истакна Спасовски за време на посетата.
МВР во изминатиот период инвестираше средства од буџетот во висина од над 100 милиони денари во обезбедување опрема за униформираните полициски службеници од сите организациони единици, беше набавена комплет спортска опрема за припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и за Посебната единица за поддршка (ПЕП), беа заменети 45 години старите возила во ПЕП со нови интервентни возила, како и опрема за јавен ред и мир. Воедно, делумно или целосно беа реконструирани 50-тина објекти во сите сектори за внатрешни работи, за што беа издвоени речиси 140 милиони денари. Министерот Спасовски потсети дека во тек е и изградбата на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп, а во напредна фаза е изградбата на зградата на крим техника, со современа форензичка лабараторија, со што ќе се влијае на брзината на постапките.
„Во годинешниов буџет на МВР планирани се и течат постапките за набавка на нови униформи за ЕБР, ПЕП, ЕСЗ и ЕИП, на осум интервентни и пет теренски возила, нови радиоврски, зимски и летни чизми за секој полициски службеник, нова ски опрема, пиштоли за трите единици на ОСПО и вежбовна муниција, а наскоро ќе стартува и комплетно реновирање на павилјон во Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’ со донација од САД. Со вградувањето на соларните системи за греење вода практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, и дека интегиритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен“, рече министерот за внатрешни работи.