12 септември 2020

Министерот Спасовски на отворањето на 17-тите синдикални спортски игри во организација на Македонскиот полициски синдикат

 „Иако годинава, поради познатите состојби со пандемијата од “ковид 19“, на игрите ќе им недостасува оној препознатлив меѓународен карактер, сепак тоа ни најмалку не ја намалува нивната важност, односно основен мотив: негувањето на спортскиот дух, здравата компетиција, запознавањето и другарувањето. Тоа се вредности коишто и тоа како се важни, особено кога се работи за луѓе чии што професионални ангажмани се во полицијата, институција,пак, со посебен степен на одговорности, обврски и надлежности, кои што од своја страна бараат исти такво специфично ниво на лично, индивидуално и колективно професионално поведение и посветенст. Се разбира бројните пораки од меѓународните синдикални асоцијации каде што овој  репрезентативен синдикат е рамноправен партнер, а во врска со оваа традиционална синдикална манифестација, покажуваат, меѓу другото, дека и синдикалните спортски игри на МПС веќе се етаблирале како значаен настан, вреднуван и почитуван меѓу партнерските организации“, рече меѓу другото министерот Оливер Спасовски во обраќањето на отварањето на 17-тите синдикални спортски игри што во организација на Македонскиот полициски синдикат се одржуваат во Охрид. 

Сржта на заштитата и унапредувањето на работничките и социјална права е токму синдикалното организирање, рече Спасовски. Секое општество кое што тежи кон развој и просперитет, е должно да ги негува и поддржува сите легитимни синдикални аспекти на делување.

„Конечно, има ли подобар начин за продлабочување на синдикалната солидарност од запознавањето, другарувањето, градењето заеднички дух преку здрава конкуретност и меѓусебен респект, како што тоа е спортското натпреварување од ваков тип. Уште еднаш, прогласувајќи ги за отворени 17-тите по ред Синдикални спортски игри на МПС, упатувам голема благодарност до организаторите на настанот, а на сите вас почитувани колеги што учествувате на овие игри ви посакувам одлични спортски резултати и натпреварувачки постигнувања“, рече министерот Спасовски.