Чест ми е што повторно можам да го водам Министерството за внатрешни работи и заедно со сите вработени да придонесеме за подобра безбедност на граѓаните. Во претходниот мандат значително ја зголемивме довербата на граѓаните во полицијата и во наредниот период ќе продолжиме во иста насока, со чесна и одговорна работа, транспарентно и секогаш во функција на граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција.
„Република Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, во интерес на граѓаните и државата. Со изборот на Владата го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот. Оваа криза за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе и да ја водиме државата кон излез од кризата со што помалку последици.. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Владата ќе биде партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните.Процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено. Владата, институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински“, рече Спасовски.
Како Влада, потенцира Спасовски, се обврзавме на изградба на способна држава со силни институции кои ќе гарантираат ред и владеење на законите.
„Направивме реформи во безбедносниот сектор, за кои добивме признание и од нашите меѓународни партнери, и продолжуваме во иста насока: полицијата- заштитник и партнер на граѓаните. На сите граѓани, без разлика на нивната етничка и партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување, попреченост, имотен статус, општествен статус.Продолжуваме со имплементација на стратегиите што ги подготвивме во изминатиот период и што треба да придонесат за поефикасна работа на полицијата. Се разбира, добрите резултати на полицијата доаѓаат со работата на мотивирани полициски службеници, на кои постојано им ги подобрувавме условите за работа и стандардот, а тоа ќе го правиме уште поинтензивно во наредниот период. Продолжуваме со реновирањето на полициските станици, но и со изградба на нови објекти, набавка на нови униформи... Во напредна фаза е изградбата на зградата на крим техника, со современа форензичка лабараторија,со што ќе се влијае на брзината на постапките. Граѓаните со право очекуваат, современи методи на постапување на полицијата, адекватни на оние во развиените земји“, рече Спасовски.
Во соработка со Министерството за одбрана и Министерството за информатичко општество и администрација продолжуваат реформите во областа на кибернетската безбедност, а во соработка со другите институции продолжува бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата.
„Ќе дадеме полн придонес за успешно спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 24: Борба против корупција и организиран криминал, како едно од клучните поглавја во процесот.Ќе ја интензивираме борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе, и очекувам, како и во претходниот период, да продолжи одличната соработка со нашите меѓународни партнери и граѓанскиот сектор во насока на остварување на овие цели“, потенцира Спасовски.
Министерот Спасовски ја истакна и одличната соработка со медиумите и медиумските здруженија.
„Во претходниот мандат, во соработка со новинарските и невладините организации, направивме голем исчекор во зголемувањето на транспарентноста на работењето на полицијата и соработката со медиумските работници. МВР е меѓу најдобро рангираните институции за транспарентност, но продолжуваме во иста насока со цел уште подобри резултати. Полицијата е партнер со медиумските работници и, како што тоа го правевме и во претходниот мандат, ќе продолжиме заеднички да соработуваме и да ги санкционираме оние што ќе се обидат да нападнат медиумски работник. Ќе ги санкционираме и полициските службеници кои работат спротивно на законите. Во изминатиов период имаше такви примери и тие ќе бидат соодветно санкционирани. Чест е да се биде полициски службеник и да им се служи на граѓаните и секој кој што ја носи оваа униформа мора да биде пример за чесност и почитување на законите“, рече Спасовски.
Продолжуваме со процесот на дигитализација на услугите што се пружаат на граѓаните, како и модернизација на базите на податоци.
„Ќе обезбедиме целосна функционалност на модерниот центар за податоци кој се изгради во Прилеп. Еден од приоритетите е воведувањето на нов концепт за сигурност во сообраќајот во урбаните центри, што подразбира јасна и ригорозна регулација на брзините во населените места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот. Со тоа значително ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Ќе ги модернизираме граничните премини со инсталирање на дигитални читачи на регистарски таблички“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски најави и финализирање на концептот „Маалски полицаец“. „Поголемото присуство на униформирани полицајци во местата каде функционира веќе даваат резултати и ни даваат поттик да продолжиме до целосна имплементација. Министерството за внатрешни работи навремено, правично, ефикасно и ефективно ќе одговара и ќе ги решава прашањата и постапките од граѓаните и правните лица. Отворени сме за граѓаните, стручната јавност, граѓанското општество за сите идеи кои можат да ни помогнат да го подобриме функционирањето“, рече Спасовски.
Во изминативе денови МВР реализира неколку акции за справување со криминалот, пред се во справувањето со нелегалната трговија со наркотици и во наредниот период продолжува со акциите за справување со криминалот.
„Преземаме и интервентни мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот и многу скоро ќе го претставиме планот за засилени акциски контроли во сообраќајот. Вакви планови се подготвуваат и во други области и соодветно ќе им бидат презентирани на граѓаните, како и резултатите што ќе ги постигнеме. На крајот, очекувам да продолжи одличната соработка со вас медиумите и заеднички да работиме во интерес на граѓаните“, рече Спасовски.