30 јули 2020

Полицијата постапува по оперативни сознанија и неколку конкретни пријави за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред на локацијата за изградба на водовод за Синичане

 

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабдителен систем за село Синичане, тетовско,  е излезено на лице место на терен, прибавени се податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово поднесено е известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски . „Потенцираме дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградбата на водоснабдителниот систем е во функција на  обезбедување на јавниот ред и мир. Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните, и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи“, рече Ангеловски. 

Што се однесува до координацијата и соработката со јавното обвинителство, Ангеловски потенцира дека МВР соработува со обвинителството  во сите случаи, се разбира и во овој околу истрагата што ја води обвинителството. 

„Но, ние како институција што е задолжена за одржување на јавниот ред и мир имаме оперативни сознанија и неколку конкретни пријави од локални жители за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред и мир и поради тоа, на тоа место има полициски службеници. Повторувам, со цел да се избегне било какво нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата е сервис на сите граѓани и ние сме должни да постапиме во вакви случаи, а околу тоа дали и каде треба да се гради водовод ние немаме апсолутно никакви ингеренции туку за тоа се надлежни други институции и тие треба да одлучуваат за тоа“, рече Ангеловски.