27 јуни 2020

Министерот за внатрешни работи Чулев во работна посета на СВР Куманово

 Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска, во рамки на своите работни активности, го посети Секторот за внатрешни работи Куманово и оддржа работен состанок со раководството на СВР Куманово. Раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово го информираше министерот Чулев за активностите кои тие ги преземаат во борбата против криминалот и корупцијата, справувањето со пандемијата од коронавирусот и организацијата на парламентарните изборите. Тие потенцираа дека Секторот за внатрешни работи Куманово е подготвен за одржување на изборниот процес и веќе имаат направено планови за опсервација и оперативно покривање на подрачјето, а во насока на санкционирање на сторители на кривични дела против изборите и гласањето.

 Министерот Чулев истакна дека во рамките на Министерството за внатрешни работи веќе е формиран оперативен штаб, кој е задолжен за спроведување и координирање на активностите неопходи за одржување на предвремените парламентарни избори, а со кој раководи директорот на БЈБ. Притоа, тој потенцираше дека од особена важност за евроинтеграциите на државата ќе биде претстојниот изборен процес да се спроведе во фер и демократски услови и без изборни нерегуларности кои би оставиле дамка на демократскиот капацитет на нашата држава. Во оваа прилика сакам да нагласам дека во пресрет на изборите кои следат, Министерството за внатрешни работи будно ќе ги следи и ќе ги санкционира сите форми на политички притисок, поткуп и злоупотреба на полицијата во партиски цели. Апелирам до граѓаните да ја пријават секоја форма на политички притисок, уцена или заплашување“, потенцираше Чулев во својата изјава.