19 мај 2020

Граѓаните да не отвараат сомнителни линкови, измамници шират измама со наводна нова дигитална криптовалута

 
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР детектираше постоење на наводна кампања во која што лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина. 
Со кликнување на линкот, се влегува на лажната страница:
 
https://hiphop2610.myshopify.com/blogs/news/china-s-bank-says-it-has-completed-top-level-design-of-digital-currency?fbclid=IwAR3BZ8svkOdWa7
_QkTV6Yf2AyyScQjTBuZqK8sdKB2sAe8FgG5vMWttmYKg
а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон страната
https://yuan-payments.com/ која е хостирана во Украина. 
 
Откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска крипто валута бидејќи цената расте секој момент. 
Од страна на СККДФ беа направени проверки на веб страната и за истата е утврдено дека како регистрант се јавува лицето Vasyl Dymarev од Русија.
Текстовите и статиите на интернет страната се убедливо напишани а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250$, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства.
МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.