Во врска со настаните од вчера (20.04.) во Скопје, на улицата Антон Панов каде што беше приведено едно лице, потоа настанот од завчера (19.04.) во Гевгелија каде што беше евидентирано поголемо кршење на забраната за движење, како и настанот од 13 овој месец во населбата Ченто во Скопје, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека истите се расчистени и во тек е постапката согласно законските нормативи.
Имено, по однос на настанот што вчера околу 14,30 часот се случи на улицата Антон Панов во Скопје, каде што од страна на полициски службеници беше затекнато и приведено лицето С.Б. од Скопје, по вклучувањето и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, констатирано е дека лицето во посоченото време било надвор заедно со домашен миленик, спротивно на владината уредба и пропишаното време за прошетка на домашни миленици, така што согласно член 206 од КЗ на РСМ лицето било приведено во полициска станица. Исто така, констатирано е дека при превземање на службените мерки и дејствија полициските службеници работните задачи ги извршувале спротивно на Упатството за начинот на однесување на работниците во МВР во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирус и препораки со цел спречување на ширење на коронавирусот без пропишаната заштитна опрема. Следствено на тоа, против полициските службеници кои превземале службени дејствија спротивно на пропишаните правила и прописи од страна на ОВККИПС иницирана е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Во врска со настанот од 19-ти овој месец во Гевгелија, каде што повеќе граѓани ја прекршија забраната за движење согласно уредбите на Владата, Министерството за внатрешни работи, односно надлежните служби во текот на денов од веќе идентификуваните 18 лица учесници на настанот, извршија службени разговори со осум лица, а за останатите десет лица се во тек достави на покани за разговор во надлежната полициска станица. Исто така, по целосно документирање на настанот против сите инволвирани ке бидат поднесени соодветни казнени пријави, а целокупната постапка е во координација со надлежен обвинител при ОЈО Гевгелија.
Во врска со настанот кој што се случи на 13.04. годинава во населбата Ченто, а во кој поголема група на граѓани ја прекршија мерката за ограничување на движењето, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во изминатиот период беа преземени активности насочени кон целосно расчистување на настанот и идентификување на учесниците во истиот. Во таа насока до овој момент, освен трите лица кои првично беа приведени и за кои веднаш беше поднесена кривична пријава, дополнително по извршена оперативни активности идентификувани се уште 23 лица. Тие се повикани во полициска станица и со истите е извршен службен разговор, за што е изготвена соодветна документација. По целосно комплетирање на документацијата, изготвена е кривична пријава против 23 лица за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 206 од КЗ и истата е доставена до Основното јавно обвинителство. Покрај ова, а во насока на целосно расчистување на настанот, Министерството за внатрешни работи и понатаму презема соодветни мерки и активности со цел идентификација и на останатите учесници, и по целосно завршување на постапката ќе биде доставен дополнителен поднесок до надлежното ОЈО.