На сите состаноци кои се одржуваа на регионално или европско ниво, Република Македонија апелираше дека ни е потребна материјала и логистичка помош за соодветно, рамо до рамо со земјите членки на Европската Унија, активно да се справи со илегалната миграција од една страна, но и да понуди хуманитарна помош на бегалците од друга страна.
Во таа насока, Управувачкиот комитет за координација и управување донесе одлука да се испратат официјални писма – барања за испраќање на полициски службеници од поголем број на европски земји кои директно или индиректно се засегнати од миграциската криза. Целта на оваа одлука беше македонските и странските полициски службеници да патролираат заедно на границата со Грција, како и да помогнат на нашите полициски службеници во спроведувањето на секојдневните работни активности.
До денес на нашето барање позитивно се изјаснија неколку држави. Полициски службеници од Република Хрватска веќе патролираат на македонско - грчката граница. Република Србија вчера (28 декември) испрати полициски службеници, додека веќе од наредната недела се очекува да пристигнат и тимови од Унгарија и Република Словенија. Кон средината на јануари, односно почеток на февруари 2016 година се очекува да пристигнат полициски службеници од Чешката Република.
Во тек се преговори и со останатите земји (Австрија, Полска и Словачка) за евентуално испраќање на нивни полициски службеници.