22 март 2020

Изјава на Министерот Наќе Чулев

  

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
 

Како што веќе знаете, на седница што ја одржа вчера Владата донесе одлука, почнувајќи од денеска, да се ограничи движењето на граѓаните. Одлуката е донесена на предлог на Комисија за заразни болести во Министерството за здравство.

 

Верувам дека скоро сите добро сте запознаени што значи тоа, но не е на одмет уште еднаш да потсетам дека со оваа одлука се забранува движење на граѓаните од 21.00 часот навечер до 06.00 часот следното утро. Тоа ќе важи секојдневно се до донесување на друга одлука на Владата. Ваквата одлука на Владата е пред се донесена за заштита на животот и здравјето на граѓаните, а потоа и за спречување на понатамошно ширење на Корона вирусот.

 
 

Од оваа забрана се исклучуваат само лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, живото-загрозувачка состојба и лица кои имаат потреба од дијализа, исклучиво во присуство од најмногу 2 лица. Доколку вакво возило биде запрено од полициски службеници, дополнително ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција. Со оваа одлука се ограничува и бројот на дежурни аптеки и надлежните инстотуции на назначат аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период. Такси компаниите се задолжуваат да воведат дежурства со ограничен број возила, а индустриските капацитети се задолжуваат своето работно време да го прилагодат согласно забраната за движење.

 

Уште еднаш сакам да потенцирам дека овие одлуки се донесени со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните на нашата земја и поради тоа што мерките што беа претходно донесени не беа во целост почитувани од одреден број граѓани. Затоа беше нужно од воведување на овие порестриктивни мерки.

 

Ги повикувам граѓаните да ги извршуваат своите обврски согласно дадените препораки, согласно упатствата на медицинските лица и секојпат кога излегуваат да користат заштитни маски и ракавици и да избегнуваат блиски контакти со други лица.

 

Воедно ги информирам граѓаните дека Координативниот штаб на владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и Министерството за транспорт и врски во координација со економските ресори да изготват листа на субјекти кои поради спефицичноста на извршување на дејноста која е неопходна за нормално функционирање на секојдневниот живот ќе им биде дозволено движење. За таа цел пред малку заврши работниот состанок на кој утврдивме дека исклучоците од ограничувањето на движењето ќе важи за вработените во армијата и полицијата, потоа за одредена група вработени во здравството, контролата на летање во МНАВ, Основното јавно обвинителство, дистрибутерите на стока и храна, вработените во обезбедување и вработените во телевизиските куќи. Секако, доколку постои потреба од итност листата на субјекти чии вработени исклучени од наредбата може да се надополни, по претходна согласност од страна на МИОА.

 

Дозволата за движење во наведениот период ќе ја издава Министерството за информатичко општество и администрација во пишана и електронска форма и чија веродостојно ќе се потврдува преку баркод. Напоменувам дека оваа потврда е задолжителна и за останатите категории кои беа опфатени со одлуката на владата, а кои се дел од исклучокот за ограничување на движењето, односно интервентните екипи во ЕВН, телекомуникациските оператори, Водовод и јавните комунални претпријатија. Очекувам очекувам овој систем за издавање на електронски и печатени дозволи да профункционира најдоцна во текот на утрешниот ден.

 

Пред малку остварив работна средба со сите началници на Секторите за внатрешни работи, а во однос на мерките и активностите кои ги презема Министерството за внатрешни работи, ја информирам јавноста дека полициските службеници контролата на ограничувањето на движењето на граѓаните ќе ја спроведуваат преку патролно обезбедување и преку поставување на пунктови на одредени локации на територијата на целата држава.

 

Полициските службеници ќе патролираат со обележани полициски возила со звучни и светлосни команди за предупредување на граѓаните.

 

Во спроведување на контролите активно ќе бидат вклучен унифорираниот и оперативниот, односно цивилниот дел на полицијата кој има полициски овластувања.

 

Лицата кои ќе ја прекршат одлуката на владата на ограничување на движењето ќе бидат спроведени во полициска станица и кон истате ќе се поднесат соодветни пријави.

 

На крајот апелирам до граѓаните да ја почитуваат одлуката на Владата, а до полициските службеници апелирам со максимална посветеност да придонесат за спроведување на одлуката, истовремено водејќи сметка за сопственото здравје. 

 

Во интерес на зачување на здравјето и животот на граѓаните во изминатиот период во рамки на сите тела на владата барав построго ограничување на движењето на граѓаните, а и понатаму ќе инстирам одлуките кои ќе се носат да бидат во таа насока.

 
Почитувани граѓани,

Доколку се придржувате на препораките на стручните медицински лица, доколку ги следите упатствата на надлежните и ја почитувате одлуката за ограничување на движењето си помагате сами на себе, а и на инситутциите во спречување на ширењето на вирусот „Ковид 19“. Верувам дека никој од нас не сака сликите од европските земји, а кои се поврзани со Корона вирусот, да ги гледаме, тука и во нашата држава. Само сплотени, единствени и одговорни можеме да успееме.

 
Останете дома,
Спасете живот.